
Здравствените власти на САД ќе спроведат масовни тестирања и истражувања за да се утврдат причините за аутизмот. Министерот за здравство Роберт Кенеди Јуниор и претседателот Доналд Трамп на отворената седница на кабинетот изразија загриженост за зголемените стапки на дијагнози на аутизам во САД.
Порано беше едно дете на 10.000 со аутизам, сега е едно на 31. Не на 31.000, туку едно од 31. Тоа е ужасна статистика, зарем не? Значи мора да има нешто вештачко што го предизвикува. Ако го дознаете одговорот, нема да има поважна прес-конференција. Дали треба да не се зема нешто, да не се јаде нешто? Можеби е вакцина? Нешто го предизвикува, изјави Трамп.
Кенеди му одговорил: „Ќе знаеме до септември“.
Причините за аутизмот сè уште не се доволно истражени. Националниот институт за здравје, кој вложува повеќе од 300 милиони долари годишно за истражување на аутизмот, како ризични фактори ги наведува пренаталната изложеност на пестициди или екстремно мала тежина при раѓањето.
Министерот Кенеди со години наназад тврди дека стандардните вакцини за децата предизвикуваат попречувања во нивниот развој, наспроти научниот консензус дека вакцините не се причина за аутизам.
Водечките групи како Здружението за аутизам на Америка ги оспоруваат како произволни статистичките податоци што ги кажал Трамп на отворената седница, особено дека порано имало по едно дете со аутизам на 10.000. Податоците од Центрите за контрола и превенција на болести укажуваат дека денес аутизам е идентификуван како секое 36-то дете во САД на возраст од осум години, а во 2000 година тој однос бил едно дете на 150.
Здравствени експерти објаснуваат дека зачестеноста на случаите на аутизам се резултат и на зголемената свест и промената во начинот на дијагностицирање на попреченоста. Со децении, дијагнозата се давала само на деца со сериозни проблеми во комуникацијата или социјализацијата. Од пред 30-ина години проширена е дефиницијата на спектар од симптоми.
На чело на напорите за откривање на причините на аутизмот Кенеди го постави Дејвид Гајер, кој исто така тврди дека има врска помеѓу вакцините и аутизмот. Гајер во Мериленд беше обвинет дека без лиценца лекувал дете.