Излекувањето пациенти не е одржлив бизнис модел

Во анализа за биотехнолошки клиенти, озлогласените Голдман Сакс, со менгелеовска ладнокрвност заклучуваат дека ефикасните еднократни лекови долгорочно се лоши за профитот. Логиката им е најздрава во свет: ако го излечиш со првата доза, нема да ти купи втора.

Еднократните лекарства не се добри за бизнисот и на долги патеки го урнисуваат профитот, заклучува анализата на компанијата за која извести CNBC.

Како што ќе напише аналитичарот Салвин Рихтер и неговите колеги:

„Потенцијалот на еднократните лекарства е еден од најатрактивните аспекти на генската терапија, генетскиот инженеринг и генското едитирање. Меѓутоа, ваквите третмани даваат поинаков исход кај приходите во однос на хроничните терапии.... Првите имаат неверојатна вредност за пациентите и општеството но истовремено се потешкотија за развојот на медицината на геномите и нејзините извори на приходи“.

Како пример од реалниот свет го наведуваат оној со третманот на хепатитис Ц на компанијата Гилед Сајенсис чија стапка на излекување одеше и преку 90%. Тој факт во 2015 година им донесе рекордна продажба од 12,5 милијарди долари, но со оглед на тоа што сè повеќе луѓе беа излечени, продажбата почна да се намалува за годинава да се спушти на „алармантни“ 4 милијарди долари.

Анализата ладнокрвно констатира дека раковите се помалку рискантни за биотехнолошките и фармацевтски компании бидејќи кај нив „пулот на пациенти“ останува стабилен. И уште препорачуваат ваквите компании повеќе да инвестираат во „болестите на стареењето“, каде што можностите за диверзификаија на портфолијата се речиси бесконечни.

 

15 април 2018 - 20:50