Елон Маск нема да го вакцинира семејството со вакцина против ковид-19

Без разлика кога и од кого ќе стане достапна вакцина против коронавирус Маск изјави дека не планира да ја искористи „бидејќи ниту тој, ниту неговото семејство немаат ризик од ковид“.

Во разговорот на Свеј подкастот на Њујорк тајмс со новинарката Кара Свишер, Маск изјавил дека се уште стои на тоа што го кажал околу затворањето на земјата бидејќи „ставањето под клуч не е во корист на општото добро.“

„Во основа, не треба цела земја да се стави под клуч, туку сите оние за кои постои некаков ризик да бидат во карантин додека не мине бурата,“ изјавил Маск.

Првиот човек на Тесла (и уште неколку компании) во март предвидуваше дека до крајот на април САД ќе имаат „речиси нула нови случаи“. Ковид до сега има убиено над 200.000 Американци од сите возрасти.

Маск за цело време на пандемијата во повеќе наврати се обидува да ја разводни опасноста од вирусот и неговата смртоносност, првично нарекувајќи ја паниката околу коронавирусот „глупа“ и обидувајќи се да го промовира нетестираниот лек против маларија, хидроксихлорин, како терапија за вирусот.

30 септември 2020 - 12:44