Од бизнис вреден 47 милиони долари во 2014, алкалната вода крајот на 2018 се очекува да биде бизнис вреден 687 милиони долари. Не е еден бренд туку се повеќе, меѓу кои водечки се Есентиа и Алкалајн88, првата продава вода со ПХ вредност од 9,5, а втората достигнала само 8,8. Наводно пиењето на овие води ја менува ПХ вредноста на твоето тело, што пак здравствено речиси целосно те репарира.
Целата магија на алкалната вода се базира на хипотезата за „acid-ash“, односно дека консумирањето одредена храна како месо, млеко и јајца резултира со создавање на нешто кое се нарекува „acid-ash“ во нашето тело кое го зголемува нивото на киселоста и предизвикува здравствени последици како остеопороза.
Во 2002 извезен Роберт Јанг, кој се занимава со алтернативна медицина, хипотезата за „киселинска пепел“ ја препакува во алкална диета која се популаризира преку серија книги под наслов „pH Miracle“. Како и секоја диета која држи до себе, и оваа пред светот се претставува како решение за сите здравствени проблеми, од маки со желудник до рак. Инаку Јанг во 2017 добива 3-годишна казна затвор заради практикување медицина без дозвола.
Ниту алкалните диети, ниту алкалната вода немаат основа или поддршка од науката, а според луѓе осудени своето научно знаење да го трошат на сузбивање надрилекарства сите припишани супер моќи на алкалната вода се базираат на „неколку многу лошо поставени студии“.
Професорката од Универзитетот во Калгари и аналитичар на докази за здружението Диетолози на Канада, др. Танис Фентон пред да се зафати со подлабоко објаснување порачува дека е невозможно да ја смениш ПХ вредноста на твоето тело со пиење алкална вода.
„Твоето тело го регулира својот ПХ во многу тесен опсег бидејќи сите наши ензими се направени да функционираат на ПХ вредност (на крвта) од 7,4. Ако нашата ПХ вредност премногу варира ние нема да можеме да преживееме,“ објаснува Танис.
Она што може да го промени алкалната вода тоа е ПХ вредноста на урината, што пак само по себе не прави некоја значителна здравствена разлика и на крај се сведува на фрлање пари во ВЦ шолја.
Едно од објаснувањата за популарноста на производот (и покрај неговата очигледна неефикасност предизвикана од основните правила на функционирање на нашето тело) е што целата приказна околу него звучи научно и логично за лаици. Плус алкалната вода е влезена во пакетот „велнес индустрија“ чии следбеници или не се нешто многу заинтересирани околу наука или па не им е проблем да даваат пари за плацебо продукти кои прават лично да се чувствуваат подобро. Во прилог на ширењето на производот оди и тоа што таа во основа е вода, а флашираната вода годинава за прв пат во историјата стана најпродаван пијалак во САД.
Кое е објаснувањето на Фентон за тврдењата на голем број корисници на алкална вода кои се колнат дека се чувствуваат подобро откако почнале да ја пијат?
„Сега пијат повеќе вода отколку претходно. И тоа не е лоша навика. Плус, сте чуле за плацебо?“ порачува Фентон.