Америка ќе ја преиспитува бебешката храна

Ново тестирање по кој знае кој пат покажа дека американските бебиња се задоени со тешки метали преку храната за доенчиња. Здравствените власти тргнуваат во контраофанзива за елиминирање на оловото, арсенот и разните други канцерогени состојки од храната за бебиња. Битката почнува со нова стандардна формула. Сегашната е дефинирана во минатиот век.

Американската Администрација за храна и лекови (ФДА) темелно ќе го проверува квалитетот на состојките во храната за доенчиња.

При ново независно тестирање на 41 тип бебешка храна во прав, во секој втор производ било откриено штетно ниво на барем една хемикалија. Храната содржела тешки метали и токсични состојки, како арсен, олово БПА, акриламид и ПФАС.

Цел на „Операцијата штрк“ е да се обезбеди квалитетот, безбедноста, хранливата вредност и издржливоста на формулата за прехрана на бебиња.

ФДА ќе ги искористи сите расположиви услови и овластувања за да гарантира дека производите за исхрана на доенчиња се безбедни, порача министерот за здравство Роберт Кенеди Јуниор.

Тој ја опишува оваа акција како „критична“ за неговата агенда „да ја направи Америка повторно здрава“.

Во 2022 година снабдувањето со бебешка формула низ САД беше во криза откако беше откриена бактериска контаминација во фабрика во Мичиген. Фабриката беше затворена со месеци и беше повлечена бебешката храна од целата земја.

Во тој случај инспекцијата утврди дека Агенцијата била „опасно бавна“ во реагирањето на забелешките за условите во фабриката. Тоа придонесе за реорганизирање на структурата на ФДА во 2024 година.

Агенцијата сега најави пакет од акции за да ја прилагоди хранливата вредност на бебешката храна. Тоа опфаќа „прво сеопфатно обновување на содржината на формулата по 1998 година“. Ќе се засили тестирањето за откривање тешки метали и ќе се заострат мерките за лично користење производи од странство, кои не се одобрени за продажба на домашниот пазар.

Бебешката формула е единствениот извор на хранливи материи за милиони бебиња чии мајки не можат или избираат да не ги дојат. Секое петто новороденче во САД се прехранува исклучиво со таква формула. На возраст од 6 месеци, бебешка храна консумираат три четвртини од бебињата, според податоци од Центрите за контрола и превенција на болести.

Види и ова:
Машала бебево, тешко ко олово

19 март 2025 - 09:26