Дијабетичарите се четвртина од починатите од ковид-19 во Англија

Во мерењето се опфатени само оние што починале во болнички кревет, а друга статистика што ја вади англиското здравство е дека 18% од починатите (повторно во болници) имале деменција.

Од 22.332 лица што починале во болниците во Англија во периодот меѓу 31-ви март и 12 мај, 5.873 (26%) страдаат од тип 1 или тип 2 дијабетес. На листата на претходни болести од кои страдале починатите втора била деменцијата (18%), трети биле сериозните проблеми со дишење (15%), па хронично заболување на бубрезите (14%). Секој десетти страдал од исхемија на срце.

Истражувањето ги потврдува претходните бројни искази на докторите од интензивна нега чии пациенти дојдени со ковид-19 најчесто страдале и од дијабетес. Со истражувањето НХС и официјално го прогласи шеќерот во крвта како фактор што го зголемува ризикот од ковид-19.

Првичната процена на докторите е дека дијабетесот го зголемува ризикот од смрт од ковид-19 затоа што дополнително ги оптоварува срцето и останатите органи.

Она што исто така ја објаснува топ листата е дека 88% од починатите биле над 65-годишна возраст, а стапката на смртност е најголема кај тие над 80 години.

Како за дијабетесот, така и за деменцијата, докторите допрва треба да утврдат што е точно врската меѓу нив и ковид-19.

 

15 мај 2020 - 09:44