Пример некои вести го потценија успехот објавувајќи дека бројките се добиени од „многу мал број на случаи“, други го преценија објавувајќи дека вакцината имала 90% успешност во спречување на зарази и дека немала никакви нус-појави.
„Еве што знаеме: Фајзер и БНТ само што го кренаа нивото за ковид-19 вакцини; и иако се уште не е јасно колку е високо, имаме добра основа да веруваме дека е прилично високо,“ пишува Хилда Бастиан во текстот за Вајард.
Прво, неточно е дека бројките се добиени од многу мал број случаи бидејќи многу пред резултатите да се појават беше воспоставен протокол за ова испитување (вклучително и број на луѓе) кој треба да биде исполнет со цел да се знае дали вакцината ја надминала долната граница од 50% ефикасност наметната од американската ФДА. Вакцина што спречува само половина од случаите повеќе ќе биде како вакцина за сезонски грип отколку како вакцина за имунизација од сипаници - бидејќи таа не е доволна сама по себе да ја спречи пандемијата, ама сепак е подобра отколку ништо да се нема.
Ова е проблематично затоа што не се знае каде ќе има бран на вирусот во првите месеци од тестирањето. За да се добие брз одговор треба да се има голем број луѓе и во вакцинираната и во контролната група кои се наоѓаат на потенцијалната патека на вирусот, и тоа се работи за десетици илјади волонтери. Меѓутоа бројот на неопходни „настани“ што треба да се регистрираат (во случајов волонтери симптоматични на ковид-19) ќе биде многу мал доколку вакцината прави некоја посериозна разлика.
Резултатите ги контролира независна група за мониторирање на податоци која ги анализира податоците во неколку точки од студијата, со цел да проверат дали вакцината има драматично добро или лошо влијание. Фајзер и БНТ првично планираат ова група да провери четири привремени анализи, откако одреден број на настани ќе биде регистриран. Двете компании беа критикувани дека на себе си дале премногу шанси рано да го спречат испитувањето, и за тоа што планирале првите анализи да им бидат кога имале само 32 настани.
Меѓутоа во понеделничкото соопштение беше кажано дека заради вториот бран на заразени во САД, се очекува дека полниот број на настани што се бара за оваа студија (164 заразени волонтери) ќе биде постигнат во претстојните недели. За сега, објавените резултати се од првите 94 настани (заразени), заради што нема причина за загриженост околу бројот на испитаници на кои се базира ваквиот оптимизам.
Второ, што се однесува на резултатите беше пренесено дека вакцината има „над 90% ефикасност во спречување на инфекциите“ со ковид-19. Бројката од 90% не е фиксна, бидејќи според процените на фармацевтските компании границата што тие ја бркаат е 62,7% на успех, за со сигурност да можат да кажат дека вакцината ќе биде најмалку 50% ефикасна кога ќе биде масовно пуштена во оптек. Па по оваа математика и овие 90% на вакцината на Фајзер и БНТ може да паднат кога бројот на вакцинирани значително ќе се зголеми.
„Кога бордот за мониторирање на податоци ја направил својата анализа, стапката на ефикасност била над 90% кај луѓето кои дефинитивно немале ковид пред почетокот на испитувањето. Оваа стапка може да падне кога следните 70 настани (неопходни за до 164) ќе бидат додадени на математиката, но и покрај тоа би требало да остане над границата од 50% на ФДА. Од друга страна, бројката би можела да биде повисока и од 90%,“ пишува Бастиан.
Треба да се има предвид дека резултатите се само од волонтери кои немале ковид пред почетокот на студијата. Кога вакцината ќе биде пуштена во јавност, дел од народот што ќе ја добива ќе има ковид-19 без да знае. Истото важи и за учесниците во студијата. Се уште не е позната стапката на ефикасност за сите во студијата, па на пример, не е јасно колку од податоците недостасуваат затоа што волонтерите не им дале фидбек на луѓето што ја спроведуваат студијата. Ниту пак знаеме дали вакцината ќе спречи асимптоматични зарази или дали заштитува од посериозните заболувања кај оние што се заразиле со ковид-19.
Се уште нема податоци за тоа како вакцината влијае на постарите лица и оние кои се во поризични групи.
Што се однесува на нус-појави сосема е погрешно да се каже дека „никакви не се забележани“. Иако во соопштението беше наведено дека „нема сериозни безбедносни забелешки“, ова не беше поддржано со никакви податоци.
„Важно е деталите јасно да бидат разбрани, меѓутоа основната порака треба да биде многу јасна: по безбедноста, најголемата пречка во овој процес беше ефикасноста на вакцината - и изгледа дека и таа ја надминавме. Сега само треба да заштитиме колку можеме повеќе луѓе со сите достапни средства пред вакцините да бидат секаде достапни,“ порачува Бастиан.