Чиј е ковид-19?

Додека низ светот се шират позитивните вести од Кина на тема коронавирус, во Кина, барем на Веибо, вчера главна тема е едноминутен клип од директорот на американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ), кој беше протолкуван како доказ дека ковид-19 потекнува од САД.

На сослушувањето пред Конгресот, запрашан дали некои од смртните случаи што претходно биле припишани на сезонски грип може всушност да биле последица на ковид-19, директорот на ЦДЦ Роберт Редфилд, дава општ но потврден одговор „некои случаи може да се дијагностицирани на тој начин“.

Изминативе две недели во Кина се повеќе на снага добива заговорот дека коронавирусот не потекнува од Кина, туку може да е дојден од САД. Па коментарите на клипот се дека „САД конечно признаа дека тие што претходно починаа од грип всушност беа случаи на коронавирус,“ и дека „САД на светот, а посебно на Кина, и должи извинување“.

Целата конспирација се базира на изјавата на кинескиот епидемиолог Жонг Наншан, кој на прес-конференција од 27 февруари изјавува дека иако вирусот прв пат се појави во Кина „тој може не потекнува од Кина.“ Жонг подоцна ја објаснува својата изјава, порачувајќи дека првото место на кое е откриена болеста „не е исто што и извор“ на болеста.

„Но исто така не можеме да заклучиме ни дека вирусот дошол од странство. Само преку истрага и следење ќе може да одговориме на тоа прашање,“ им изјавил Жонг подоцна на новинарите.

И покрај дообјаснувањето од Жонг, неговата првична изјава доби многу повеќе внимание, посебно откако таа беше повторена од кинески дипломати, медиуми и функционери, „кои суптилно ја поддржаа идејата“.

Во четвртокот портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, без никакви докази алудираше дека американската армија го донела вирусот во Вухан, центарот на епидемијата.

„Кога нултиот пациент се појави во САД? Колку луѓе се заразени? Кои се имињата на болниците? Може американската армија ја донесе епидемијата во Вухан. Бидете транспарентни! Јавно објавете ги вашите податоци! САД ни должат објаснување!“ напиша портпаролот Жао Лиџијан на Твитер.

Во исто време амбасадорот на Кина во Јужна Африка изјави дека не мора да значи дека вирусот е „произведен во Кина“.

Едиторијал на новинската агенција Синхуа речиси ја повтори изјавата на Жонг, пишувајќи: „епидемијата прв пат беше пријавена во Кина но тоа не мора да значи дека таа потекнува од Кина... СЗО во повеќе наврати изјави дека ковид-19 е глобален феномен и дека неговиот извор се уште не е утврден.“

Ваквиот правец кинеските функционери го тераат под алиби дека „тоа е протест против политизирањето на епидемијата“ од држави како САД, каде некои функционери и понатаму ги користат термините „кинескиот коронавирус“ и „Вухан вирусот“, и покрај советите на СЗО да не се прави тоа.

Пред ваквата медиумска еволуција на вирусот, кинеските државни медиуми со недели го наведуваат рибниот пазар во Вухан како местото на од кое најверојатно потекнува вирусот, додека истражувачите тврдеа дека изворот се уште не е утврден. Тогаш запрашан за потеклото и можноста вирусот да е „увезен“, почитуваниот кинески научни Жанг Венхогн, изјави дека не верува во таа опција бидејќи тогаш пациенти би се појавиле на различни локации низ земјата, а не да бидат сконцентрирани на едно место.

Процената на Гардијан е дека ваквиот пресврт во приказната се должи на напорите на Кина да оди напред, откако бројот на нови заразени значително почна да паѓа, и дека главно таа е за перење на првичната неснаодливост на властите пред домашната публика.

13 март 2020 - 14:21