Приказната ја уловивме кога само за еден викенд собра 5.000 долари. За помалку од еден месец има над 50.000 долари од 6.000 поддржувачи.
А Зек Браун Браун на Кикстартер побара само 10 долари за да направи компир салата и призна дека не треба многу да се очекува од него бидејќи првпат прави компир салата.
"Беше тоа комплетна заебанција, но, мислам дека во целата приказна има неколку елементи кои треба да ги знаат луѓето што планираат да соберат пари преку Кикстартер," вели денес Браун.
Еве ги неговите совети:
1. Одбери добар тајминг. Кога Браун ги проверил трендовите на пребарувањата на Гугл, сфатил дека барањата за компир салата го достигнуваат максимумот секоја година ноќта пред 4-ти јули. Својата кампања тој ја започна на трети јули.
2. Внимателно одреди ја цената која ќе ја побараш. Тој го одбрал пристапот на уличните забавувачи. "Наместо да наплаќаш карта за шоуто, кажи го првиот виц, па кажи им, ако ви беше ова забавно, дајте некој денар". A кога некој бара само 10 долари, никој нема чувство дека може да биде измамен.
3. Вклучи ги пријателите. Видеото му го снимиле пријатели кои имаат видео продукција. Текстот му го пишале пријатели кои ги бива за пишување. Помагале и во финансии и сметководство. "Иако јас бев јавното лице на кампањата, пријателите ја водеа цела логистика. Не би можел сам да испечатам и испратам 1.000 маици за благодарност на поддржувачите"
4. Дај им некоја вредност на оние кои те поддржуваат. "Интернетот не е банкомат. Не можеш просто да се појавиш и од интернетот да побараш пари. Треба да размислуваш обратно. Што можам јас да им понудам на луѓето. Има разлика меѓу питачење и краудфаундинг". Браун понуди еден тон зезалици за поддржувачите, им праќаше фотки со благодарница, маици, им направи дури и пица забава.
5. Директно кажи ја поентата. "Многу е важно да ја кажеш својата приказна едноставно и разбирливо. Мора да го задржиш вниманието на луѓето пред да се префрлат на нешто друго'. Нему целта му било да прочитаат за компир салатата и да се насмејат.
6. Проектот треба да изгледа човечки. И Хафингтон Пост забележа дека луѓето реагираат на искрениот тон во апелот на Браун. "Биди свој, биди оригинален", порачува Браун.
7. Овозможи им на луѓето да се чувствуваат вклучени. "Луѓето сакаат да имаат чувство дека се дел од нешто, иако физички не се со тебе. Ако успееш да изградиш заедница околу идејата, ако имаш идеја која луѓето може да ги обедини, си успеал.' На ова се надоврзува и психологот Сузан Витбурн која ќе рече: "На подлабоко ниво, луѓето сакаат да бидат дел од нешто поголемо отколку што се самите тие".
8. Биди различен од другите. Како и што предвидовме во првата статија на оваа тема, по успехот на компир салатата, многумина имитатори ќе ја пробаат истата финта и ќе пропаднат. "Дури и да е имитацијата одлична, луѓето имаат чувство дека тоа веќе го виделе."
9. Не ја потценувај силата на хуморот. Многумина се учипиле бидејќи идејата им се видела штосна и забавна. Луѓе сакаат да кажат "Знам за компир салатата, и јас дадов пари.'
"Денес е привилегија да можеш да ги насмееш луѓето. Денес сè е толку важно и сериозно. Ни требаат апсурдни и блесави работи во нашите животи", порачува Браун.