Па и не е страшно децата да не знаат да гледаат на часовници

Освен што веројатно ви помогна да сфатите колку сте стари и колку немате врска што и како се случува кај дечурланава, веста дека деца не знаат да гледаат на часовник со стрелки е веројатно подеднакво страшна колку тоа што вие никогаш ја немате совладано вештината на гледање на сончев часовник или да смените лента на машина на пишување. Просто, никогаш во животот не сте се нашле во ситуација да ви затреба такво нешто.

Самиот опстанок на аналогните часовници во галопирачки дигитализиран свет преставува чудесија, ама тоа што тинејџери не знаат да ги читаат овие часовници не е апокалиптичен знак за пропаста на младината.

„Ова значи, како што еднаш напиша нобеловецот Боб Дилан, дека времињата се менуваат. Нема никаква логика наставник да троши скапоцено време од часовите за да ги научи тинејџерите да читаат аналоген часовник за да знаат уште колку време имаат до крај на тестот. А ако учениците не знаат да ги читаат традиционалните часовници до периодот кога почнале да полагаат, тогаш тоа значи две работи: некаде за време на образованието наставниците приоретизирале други работи пред часови потрошени на учење читање часовник, или тие само го заборавиле она што го научиле во моментот кога завршил тестот по предметот по кој тоа го учеле,“ пишува Рејчел Хемптон во Слејт.

Инаку, по американска наставна програма учениците треба во прво или второ одделение да научат како да читаат аналоген часовник, „па ако истото важи и за учениците во Британија, од каде доаѓа алармантната вест, не е комплетно изненадувачки што тие заборавиле како да го прават тоа до времето кога станале тинејџери.“

Признавајќи дека децата што го совладале ова имаат „поразличен однос кон времето“ отколку оние што гледаат само на дигитални часовници, Рејчел сметка дека е комплетно фер и нормално оваа вештина да почне да исчезнува до времето кога овие деца ќе достигнат пубертет а професорите ќе го прифатат фактот дека аналогните часовници полека ги снемува.

10 мај 2018 - 12:56