Офицери од американската разузнавачка агенција во изминатите неколку денови се консултирале со новоформираната Коалиција на курдски милиции од Иран, Ирак и Сирија за прашањата дали воопшто, кога и на кој начин да се вклучат во војната во Иран, тврдат извори на ЦНН.
Целта на САД е со копнени судири без директно учество на американски војници да поттикнат народно востание во Иран против режимот во Техеран. Начелниот план е курдските милиции концентрирани во ирачки Курдистан да се префрлат во западниот дел на Иран. Милициите веќе се обучувале за таква акција и побарале воена поддршка од САД. Како подготовка на терен за таква операција се толкува и одлуката на Израел во првите денови од војната да ракетира цели во Иран каде што нема нуклеарни капацитети.
Според извори на Волстрит журнал, Вашингтон воспоставил контакт со ирачки функционери во Ербил и во Багдад, а претседателот Доналд Трамп телефонски разговарал со двајца лидери во ирачкиот автономен регион Курдистан.
Трамп разговараше со многу партнери во регионот, изјави претставничката на Белата куќа, Каролин Ливит, избегнувајќи директен коментар на овие информации.
Сепак, не е јасно до кој степен САД ќе ги поддржуваат курдските групи кои имаат сопствени политички амбиции и се стремат да добијат најмалку автономија во деловите од Иран, Ирак, Сирија и Турција во кои се во мнозинство. Новоформираната коалиција веќе изложи планови за администрирање на областите во западен Иран ако падне режимот во Техеран.
Ги повикуваме вооружените сили да се одвојат од остатоците од Исламската Република. Им советуваме да не ја пропуштат оваа последна можност да му свртат грб на непријателот и да ја изберат страната на својата нација, соопшти коалицијата.

Курдите се најголемата етничка група без своја држава во светот. Тие беа важни регионални сојузници на САД во времето на борбата против џихадистите од ИСИС и одржуваат блиски врски со Израел, кој ги смета за потенцијално дестабилизирачка сила за своите непријатели.
Курдите во Иран беа прогонувани и во времето на шахот Реза Пахлави, а потоа и од Исламската Република. Ако тие почувствуваат дека можат да ја искористат војната за да се отцепат од Иран, прашање е дали САД ќе можат да спречат граѓанска војна што ќе се прелее во регионот.
Турција, која има сопствен проблем со курдскиот сепаратизам, не е наклонета кон вооружување или какво било зајакнување на курдските сили во регионот. Турските сили повеќе пати воено интервенираа во соседна Сирија против вооружените групи на Курдистанската работничка партија (ПКК), особено за време на граѓанската војна против режимот на Башар ал Асад во Дамаск.
Амбиции за отцепување од Иран имаат и етничките Балучи кои се поврзани со сепаратистите во провинцијата Балуџистан во соседен Пакистан. Малку е веројатно дека Исламабад би толерирал какви било потези што би воделе кон независност на Балуџистан.