„Може ли вештачка интелигенција да биде фер судија?“, се прашува Вајред опишувајќи го случајот со Естонија, малата држава од Балтикот со 1,3 милиони жители која очигледно мисли дека може бидејќи на многу полиња пробува процесите да ги усоврши и забрза на најмодерен можен начин.
Во 13 различни области имаат проекти во кои се користат вештачка интелигенција (ВИ), алгоритми, дип-лрнинг и слично..
На пример: дали земјоделските субвенции завршуваат онаму кај што треба. Машините се хранат со свежи сателитски снимки од полињата, споредуваат пиксели и патерни и софтверот заклучува дали некое сено е собрано (пошто за собирање сено се даваат субвенции). Ако не, одат инспектори на терен и завршуваат работа. Во првата година системот заштедил 1,2 милиони евра.
Пример: спарување на невработени работници со актуелните понуди за работни места. Ги хранат компјутерите со детални CV-a на работниците и спецификациите на побарувачките на пазарот на трудот и се даваат предлози. Околу 72% луѓе кои добиле работа преку тој систем и после 6 месеци се на работа, што е за 58% повеќе отколку кога спарувањето не одело преку компјутер.
Најамбициозниот естонски план се случува во полето на правосудството. Идејата им е решавањето на сите мали спорови до 7.000 евра да го препуштат на вештачката интелигенција. Се вметнуваат податоци од сите договори и други документи околу спорот, аргументите на адвокатите на странките, компјутерот ги знае законите и предлага пресуда која оди кај жив судија да ја овери. Со ова сè уште само експериментираат и чекаат фидбек од правниците и судиите за да ги доштимаат деталите од системот од кој очекуваат драстично да го намали бројот на парници кои чекаат судска разврска.
И во САД имаше сличен обид за внесување вештачка интелигенција во судските пресуди само што имаше критики дека алгоритмите се направени на штета на црнците.