Како да се добие во политичка кавга

Едноставна е тајната на успешно окончување бескрајна дискусија со некој политички фанатик. Ако уште не сте дојдени до животната лекција таквите да ги отерате у три лепе по што блажено ќе ги игнорирате, па со нив уште ви се плетка и објаснува, читнете како тие најефикасно се замолчуваат.    

Наместо нивното омилено прашање ЗОШТО, поставете им го прашањето КАКО?

Ова е клучната сугестија која ја нуди психологот Филип М. Фернбах кој со оваа тема се занимава во својата книга со речит наслов: "Пoлитичкиот екстремизам е поддржан од илузијата на разбирањето"

По него, тврдоглавите политички сезнајковци би можеле да омекнат доколку од нив побарате да објаснат како некоја нивна идеја би ја подобрила ситуацијата за која се загрижени, наместо да ги оставите бескрајно да ви објаснуваат зошто се во право.

И експериментално ја пробал идејата со онлајн учесници кои биле поделени во две групи. Едните требало да ги објаснат причините за своите ставови, но затоа пак, другиве морале од А до Ш да креираат потези кои би воделе кон остварување на нивните идеи.

Луѓето од првата група со ист интензитет биле убедени во својата исправност и пред и по пополнувањето на прашалникот. Но, овие што морале да смислат политики кои водат кон саканата цел, отпосле имале далеку помеки ставови кон темата.

Значи, ако планирате да дебатирате со некој што ја читал истава статија, освен објаснување на своите погледи, подгответе и план за нивна имплементација.  

5 август 2014 - 09:03