И ние во изолација, и тој во изолација

Мадона велеумно ја нарече пандемијата „големиот еквилајзер“. Демек таа нè порамни, нè сведе на НЗС, сите сме конечно исти - луѓе кои во страв од глобалната зараза одбираат да бидат во изолација. Само што, има тука некои нијанси. Тајландскиот крал за самоизолација одбра хотел во Гармишпартенкирхен, за себе, послугата и харем од 20 конкубини.  

Најголема енигма во целата вест ни е што и на германските медиуми им е нејасно дали во целата таа свита, освен овие 20 другарки, контроверзниот тајландски крал ги има земено и своите 4 официјални сопруги. 

Рама Икс (инаку Маха Вајиралагкорн) има закупено цел хотел во Гармиш за да самува и тихува со мала помош од бројна послуга и 20 ченгии. Екипата му е малку осакатена бидејќи 119 членови на послугата биле вратени во Тајланд поради сомневања дека го имаат закачено вирусот.

Луксузниот хотел е закупен со специјална дозвола од локалните власти. Генерално, во регионот се затворени сите хотели и куќи за гости но Рама ја добил дозволата бидејќи се работело за „хомогена група луѓе без флуктуации.“

Илјадници Тајланѓани решија да ризикуваат прекршувајќи ги законите и онлајн да го истурат својот гнев на својот крал и неговото однесување. Според законите, секој кој ја критикува или навредува монархијата се соочува со затворска казна од 15 години. Рама Икс стана крал пред три години наследувајќи го својот рахметли татко Бумибол (за кој беше прогласен не ден туку година на жалост), кој си поседи на престолот преку 70 години.

Тајландски политички активисти од странство, изминатиов период споделуваа фотографии оа актуелниот крал како од досада се шутка по разни ексклузивни центри во Швајцарија и Германија.

******

Види и:

Во Тајланд допрва ќе биде циркус (2016)

29 март 2020 - 22:38