Година дена жалост во Тајланд

Илјадници и илјадници луѓе го испратија Рама 9-ти, 88-годишниот крал на Тајланд кој почина во четвртокот. Со крајот на церемонијата започнува и 1-годишната жалост во земјата.

Во посмртната поворка телото на кралот беше префрлено од болницата во Бангкок до Големата палата, каде што тој ќе биде закопан.

Во следната година, се додека трае жалоста, од целата јавна администрација во земјата се очекува да носи црно, а во следните 30 дена сите знамиња во земјата ќе бидат спуштени на пола, додека од граѓаните се очекува да се воздржат од учество во јавни прослави.

Откако беше објавена смртта на кралот, редовната програма на сите тајландски и меѓународни телевизиски канали е заменета црно-бели снимки од кралот за време на неговото речиси 70-годишно владеење со земјата. Во исто време весниците, се придружија на периодот на тажење, објавувајќи ги своите изданија во црно-бела боја.

Рама 9-ти доаѓа на престолот кратко по завршувањето на Втората светска војна. Во нашиот тајмлајн неговото владеење трае од Тито до Груевски, во американскиот тајмлајн тоа е од Труман до Обама.

Наследник на тронот е единствениот син на кралот, принцот Маха (повеќе за него тука), меѓутоа се уште не е најавено кога ќе биде крунисувањето, иако се очекува дека тие ќе чекаат прво да заврши годината жалост. Иако заради обемното минато, не е познато како Маха ќе мине во јавноста, тој сепак ќе биде заштитен од јавни критики благодарејќи на законот кој стриктно забранува навредување на кралското семејство, прекршок кој може да биде казнет и со 15 години затвор.


Посмртната поворка за кралот Рама 9-ти:

17 октомври 2016 - 12:17