Меморијата е зафркната работа - или очајно се обидуваме да ја поттикнеме (кога мислиме кај ни се клучевите или како се викаше некој), или очајно се обидуваме да ја потиснеме кога станува збор за лоши нешта. Но може ли релативно безболно, а намерно, нештата што нè вознемируваат, или што просто не ни требаат, навистина да се заборават?
До скоро, намерното заборавање во научен контекст вклучувало одвлекување внимание од нешто, или неповикување на мемории. Но неодамнешни истражувања покажуваат дека еден од клучните елементи е менувањето на контекстот - доколку физичкиот контекст (просторот) и менталниот контекст (она што ни се случува во умот) се поклопуваат со оние кои постоеле во текот на оригиналниот настан, тогаш тој потешко ќе биде заборавен. Оттаму, ако целта е да се намали ризикот меморијата да искрсне, најдобро е да се оддалечиме колку што е можно повеќе - и физички, и психолошки - од првобитниот спомен.
Практикувањето супресија на спомените може да помогне во блокирање на оние несаканите, и да ја спречат веројатноста човек да се потсети на нив подоцна. Ваквото „затворање на споменичниот автопат“ е поврзано со дел од мозокот наречен хипокампус. Но освен што е центар за повикување на мемории, тоа е и делот од мозокот каде се формираат и нови. Оттаму, доколку системски се ургира во него, може да дојде и до ризични нуспојави во контролата на спомените: амнезија за настани кои се случиле околу периодот на потиснување, или како што уште се нарекува, „амнезична сенка“. Оттаму, пред да се преземе што и да е во однос на потиснување треба да се земат предвид несаканите последици од обидите за контролирање на меморијата, без оглед дали тоа се прави преку различни психилошки стратегии или нови лекарства, кои би можеле да влијаат врз емоционалните спомени.
Заборавањето е едно од оние нешта кои сите мислиме дека го разбираме, но тешко го дефинираме и објаснуваме. Аристотел сметал дека тоа претставува буквално бришење на спомени, како топење на некаков отисок нанесен на плочка восок - кога восокот ќе се истопи заминува и „споменот“ на отисокот. Ова во современи термини е како кликање „дилит“ на нешто во компјутер, и негово отстранување и од „рисајкл бин“. Но човечкиот мозок не функционира така - кога велиме „заборавив“ мислиме на тоа дека нештото се уште ни е во умот, само во моментот не ни текнува на него, затоа што таа информација не била приоритетна за да биде запамтена. Оттаму намерното заборавање може да биде поврзано со едноставно немислење на нешто, кое така не се брише, но се сели во позадина, а ако нема конкретен „тригер“ може и никогаш да не се појави повторно.
Терапијата за трауматични мемории подразбира напорна работа, затоа што човек мора да се истренира прво што ќе му дојде на памет кога ќе се соочи со тригер за лош спомен, да помисли на нешто друго како прва асоцијација. А во втора фаза да развие механизми преку кои дури и да се сети на траумата, реакцијата да не му биде толку интензивна.
Иако студиите на мотивираното или намерното заборавање се сè уште во тек, она околу кое повеќето истражувачи се согласуваат е дека не се работи за бришење - начинот на кој функционира заборавањето е што ги прави нештата недостапни. Но тие не исчезнуваат, и ако се појават повторно најчесто можат да бидат препознаени. Тогаш на сцена стапуваат научените механизми за справување со нив.