А бе лошо е, ама не колку што мислите

Без намера да се однесуваме игнорантно кон сите зла и неправди на светов, ама работите не стојат толку лошо колку што нашиот мозок сака да ги прикаже.

Заклучокот на истражувањето на компанијата Ипсос-Мори е дека „нашата перцепција за светот најчесто е спротивна од реалноста - и значително понегативна.“

Ова го тврдат по основа на испитување на луѓе од 38 држави. Сите испитаници добиваат исти прашања, а во одговорите научниците успеваат да откријат шаблони. На пример, иако стапката на убиства е падната во последниве 15 години, неполни 10% веруваат дека има помалку убиства; додека само една петтина верува во тоа дека во последниве 15 години имало помалку жртви во терористички напади, отколку во 15-те години пред нив.

Едно од објаснувањата на истражувачите за нашата тенденција да претпоставуваме сè најлошо е дека сме „генетички програмирани доброволно повеќе да веруваме во лоши вести отколку во добри.“

„Нашите мозоци ги обработуваат негативните информации на поразличен начин и ги складираат да бидат подостапни отколку позитивните.

Еден невролог ова го демонстрираше покажувајќи им на луѓе слики за кои се знае дека создаваат позитивни чувства (пример пица или Ферарија), и други слики кои создаваат негативни чувства (пример крваво лице или мртва мачка).

Додека го прави ова, тој ја мери електронската активност во мозокот. Излегува дека ние далеку посилно реагираме на негативни слики,“ објаснува Ник Хајман во текстот за Би-би-си.

Веднаш зад мозокот, на второ место по вина се вестите, чиј главен проблем е дека не можат да бидат позитивни, па не можеш да пишуваш за тоа дека светот станува сè поздрав ако во исто време има терористички напад или војна за која треба да известуваш.

Споделената вина меѓу вестите и мозокот, влече еволуциски корени, бидејќи хиперсензитивноста на негативни информации служи како важна функција за време на човековата еволуција.

„Имањето тип на мозок кој посилно реагирал на информации околу можните опасности, значело дека подолго ќе живееш.

А кај се оние што немале таков мозок? Па, како што еден научник внимателно објасни, тие ’се избришани од генетскиот фонд’,“ пишува Хајман.

28 декември 2017 - 11:04