Шпанија ќе се брани со 100% данок на недвижности

Кризата која доведе до тоа Шпанците последниве години да не можат ниту да купат стан, ниту да платат кирија, Мадрид планира да ја решава со воведување на 100% данок за имот купен од лица што не се државјани на ЕУ.

100% данок е само една од мерките на премиерот Педро Санчез, кој се обидува ситуацијата да ја ублажи објаснувајќи дека цените за домување во изминатата деценија низ Европа се пораснати за 48%.

Освен данокот, предложено е зголемување на бројот на социјални станови, субвенции за оние кои реновираат или изнајмуваат празен имот по достапни цени и борба против сезонското изнајмување. Моментално во Шпанија само 2,5% од домовите се социјални домови.

Само во 2023 лица кои не се државјани на ЕУ имаат купено 27.000 станови и куќи во Шпанија, што заради убавата клима и морето, што заради прифатливите цени за купувачите од Британија и САД и добрите приходи кои може да се направат.

„И тие не ги купија за да живеат во нив, не ги купија за нивните семејства да имаат каде да живеат, ги купија за да шпекулираат, за да заработат на нив, што ние, во контекст на недостатокот што го имаме, очигледно не можеме да го дозволиме,“ изјавил шпанскиот премиер.

Владата планира и дополнително регулирање и даноци за становите што се изнајмуваат преку Ербиенби и слични сервиси, со објаснување дека „не е фер оние што поседуваат по три, четири, пет станови за изнајмување на ден да плаќаат помалку даноци отколку хотелите.“

Санчез порачува дека предложените мерки се неопходни за справување со „неподносливата“ разлика меѓу растот на цените за домување и приходите на домаќинствата.

16 јануари 2025 - 10:40