Како претходно Виена и Берлин, Амстердам призна дека има проблем со сообраќајот во центарот на градот. Утринските гужви се највпечатливи, кога се пуштаат илјадници учесници во сообраќајот, главно на две тркала.
Анкетите велат дека две третини од луѓето не се чувствуваат безбедно во сообраќајот а првообвинети се електричните точаци и тротинети: се однесуваат како за нив да нема правила, шишкаат, игнорираат семафори и не застануваат на пешачки.
А Холанѓаните баш се навлекоа на електрични: на 18 милиони луѓе, има пет милиони електрични возила на две тркала.
Градските власти неделава преземаат драстични мерки: во четири петтини од улиците во поширокиот центар на градот ќе може да се вози најмногу 30 километри на час што нема да важи само за коли туку за сите.
Се ставаат близу 5.000 нови сообраќајни знаци и се штелуваат околу 200 семафори за сообраќајот да тече помазно. Се очекува ова да ги стивне сообраќајните трки, да има 20 до 30 посто помалку незгоди и да се намали бучавата и загадувањето.
Треба да помогнат и високите казни. Кој продолжи по навика да вози 50, ќе плати 250 евра, догодина 276.
Официјалните податоци велат дека електричните точаци и тротинети во просек возат со 24 километри на час, но една четвртина од нив одат побрзо, особено кога ги возат млади.
Новите правила имаат интересни цаки: оние квартови во кои сообраќајната дисциплина е поголема, ќе добиваат поголеми пари за тн комшиски фондови кои се користат за работи кои им требаат во маалото.
Сепак, и таму има скептици дека новите мерки ќе бидат доследно спроведени, пренесува Ингрид Геркама.