Индонезија ја сели престолнината затоа што старата им тоне

Владата на Идонезија практично дигна раце од Џакарта и реши сите свои служби и институции да ги пресели на еден помалку населен остров на Борнео. Ќе кошта многу ама барем ќе бидат на суво.

Џакарта често е во мртва трка со Тетово, Битола или Скопје кој има најлош воздух во моментот, но градот има и друга беља; eден од најбројните и најгусто населени градови на светот постојано тоне.

Во моментов речиси една половина од градот се наоѓа под нивото на морето а хаотичното испумпување вода  само ја влошува сосотојбата бидејќи градот може да се уруши во тие џебови. Џакарта моментално тоне побрзо од кариерата на некои новинари кои работеа за кралот Бојан 13: градот секоја година е за 25 сантиметри подолу, што е рекордно тонење на една урбана средина во светот.

Претседателот на Индонезија деновиве соопшти дека е најдена нова локација и е решено престолнината да биде преселена на остров во Борнео, во провинцијата источен Калимантан. Засекираните велат дека со тоа проблемот само ќе се извезе на невино место, бидејќи дождовните шуми на Калимантан веќе се преполовени заради неконтролирана сеча а истите се дом на загрозени видови орангутани. 

Тие ќе мора да се снаоѓаат бидејќи наскоро ќе им се приклучат минимум 1,5 милиони луѓе кои се поврзани со државните служби, проект кој ќе чини 33 милијарди долари. 

Џакарта засега останува комерцијален центар на Индонезија, додека водата не дојде преку гуша.

 

29 август 2019 - 11:36