Актерскиот ветеран Френк Ланџела минатиот месец беше откажан од Нетфликс и принуден да ја напушти мини-серијата базирана на класикот од Едгар Алан По, The Fall of the House of Usher, во која ја играше главната улога.
Веќе е заменет со Брус Гринвуд, сцените со него ќе бидат преснимани а после неколкунеделен молк на оваа тема, Ланџела реши да проговори зошто добил отказ, извршно и без воопшто да слушнат што има тој да каже за „инцидентот“.
А инцидентот е што во една сцена тој ја пипнал за нога својата актерска партнерка која ја глуми неговата помлада сопруга, за време на љубовна сцена која ја снимале целосно облечени.
Ја пипнал за нога. Ланџела. Кој има 84 години.
„Ме пипна за нога, тоа не беше во сторибордот!“ извикала актерката (не кажуваат која, ама е или Карла Гугино или Мери МекДонел) по завршувањето на сцената и заминала од сетот, придружена од режисерот и - пазете ова - „координаторот за интимност“. И Ланџела сакал да појде со нив за да види што толку е проблемот но му било кажано „да ја остави малку на мир.“
Нетфликс и неговите ПР и правни служби една недела го мозгале „инцидентот“ и решиле дека Ланџела не се придржувал до сугестиите на координаторот за интимност. Актерот признава дека пресудата ја доживеал како апсурдна бидејќи ако легислативно се одредува каде треба да му бидат рацете на еден глумец, со тоа се убива актерската игра и спонтаноста на сцената.
„Неферски, неправедно, не-амерински“ вели Ланџела за откажувањето.
„Мојата прва реакција беше да ги обвинам. Да им се здадам и да барам одмазда. Разговарав со кризни менаџери и добро умрежени адвокати, професионално емпатични за 800 долари на час. Беа понудени и бесплатни совети:
„Не се претставувај како жртва“. „Не тужи, ќе почнат да копаат по твоето минато“. „Потпиши NDA (договор за доверливост), земи ги парите и бегај“. „Оди на ток-шоуа, покажи скрушеност, глуми понизност. Кажи дека од случајот многу си научил“.
Извинувај се. Извинувај се. Извинувај се.По мое мислење, како главна улога на едно снимање, треба да се погрижиш атмосферата да биде ведра и опуштена. Па сепак, другите обвинувања биле а) кажуваше неумесни шеги б) знаеше да ме нарече „baby“ или „honey“ в) понекогаш знаеше да ме гушне или да ме пипне за рамо.
„Не можеш да го правиш тоа, Френк!“, ми викаше продуцентот. „Не можеш да се шалиш, не можеш да даваш комплименти, не можеш да допираш. Сега е нов поредок!“
Кансел културата е антитеза на демократијата. Таа го спречува разговорот и дебатата. Ја ограничува нашата способност да слушаме, посредуваме и да разменуваме спротивставени ставови. Најтрагично е што таа го уништува моралното расудување.“, пишува канселираниот актер во колумна за Дедлајн.