Како оди Рамштајн во супермаркет

И тие се луѓе па мора понекогаш да се промуваат меѓу тезги. Само што во такви случаи, наместо корпа, количка или цегер, Линдеман тегне доброволна  сексуална робинка (со речникот на политичката коректност кој е сличен на речникот на МВР), тоест БДСМ гимп (со речникот на Порнхаб кој е сличен на речникот на Јупорн).

Стотина московјани беа прилично шокирани кога го видоа фронтменот на Рамштајн, Тил Линдеман, како со себе носи гимп и се пробива меѓу рафтови за да дојде до закажаното место за потпишување на неговата книга.

Гимпот беше прописно облечен и се понашаше сходно своите стандарди за понашање. Тоа се оние луѓе кои имаат сексуален фетиш да бидат доминирани до ниво да се деперсонализираат и сведат на анимална послушност. Обично облекуваат гњурачко или кожно исцело, со патенти, нитни и тракатанци, и се разбира, за комплетно уживање неопходен им е стопан.

Гимпот едно време се заборави па фати да позира за насобраните луѓе и репортери ама потоа ја цимнаа што беше јасна команда да си дојде на себе и да се врати во филмот.

Рамштајн одамна и смело си играат со сексуалните слободи, башка што се и махери за маркетинг: нивниот шести албум „Liebe ist für alle da“ го понудија и во специјална едиција, пакет во кој албумот доаѓаше заедно со шест дилда. 

А за робувањето, пред локалните нарикачи да фатат да се згрозуваат, и самите Рамштајн се ставија во таква улога, за спотот на песната „Mein Teil“, базирана на озлогласениот Армин Мајвес кој своите жртви ги убиваше и ги јадеше. Жртвите ги наоѓаше на интернет и социјалните мрежи, онаму каде што Македонците најчесто го задоволуваат својот главен сексуален фетиш, да се кавгаат за вмро и сдсм.

 

7 декември 2018 - 10:37