Среде долготрајниот штрајк во Холивуд, компанијата Дизни бара луѓе за кризен ПР менаџмент и комуникациски експерти кои ќе помогнат да се среди имиџот на фирмата по катастрофалното интервју кое пред некое време го даде извршниот директор на фирмата.
За една позиција нудат плата од 340.000 долари а се бара некој кој ќе го води тимот за односи со јавноста кој им помага на главните директори во нивните јавни настапи и интервјуата.
Потрагата по вакви профили следи по интервјуто за CNBC на главниот извршен на Дизни, Боб Игер, во кое штрајковите на актерите и писателите ги оцени како „многу вознемирувачки“, нивните барања „нереални“ а доаѓаат во „најлошо можно време“.
Бесот на штрајкувачите од ваквите негови оценки беше дополнително потпален од фактот што само една недела пред интервјуто, Дизни соопшти дека му го продолжува договорот на Игер до 2026 година и истовремено му ја качува платата на 31 милион долари годишно.
„Тој заработува 78.000 долари дневно, а ние сме биле нереални!,“ огорчено коментираше првиот човек на синдикалната асоцијација на филмски, ТВ и радио работници.
Само 14 проценти од актерите кои ги претставуваа оваа асоцијација го заработуваат минимумот од 26,470 долари годишно што е неопходно да се квалификуваат за здравствено осигурување.