Објаснувањето е дека намерно било дозволено црнец да удри на црнец додека другите (главно белци) гледат и фаќаат сеир. И дека тој скандал е доказ за системскиот расизам во САД и постоењето бели привилегии во земјата. Овој наратив фати да го плете популарниот професор по политички науки Џејсон Џонсон кој има 270.000 Твитер следбеници.
Според него, секоја друга црно-бела комбинација не ќе била можна затоа што никому не би му било дозволено да му припари на водителот на сцената. Вака, нека се тепаат црнци, шотиегајле, резонира професорот.
Ситуацијата ја коментираа и тројцата водители на вечерните ток-шоуа, Кимел, Фалон и Колбер. Најмногу време посвети Кимел кој и самиот ги водеше Оскарите во 2017 и 2018 година.
„Ова беше холивудска верзија на пијан тетин кој почнува тепачка на свадба за потоа да одржи говор и да ги поздрави младите,“ рече Кимел велејќи дека Смит сега највeројaтно сака да има еден од оние бришачи на мeморија како во Man in Black.
Колбер го зајаде тепачот дека ова му е најлошиот потег после оној кога реши да ја прифати улогата на филмот „Wild, Wild, West.“
„Вил Смит бил навреден од виц и сакал да ја одбрани сопругата. Фино. Предизвикај го Крис на дуел или ако баш стварно сакаш да го повредиш - не му се смеј на вицовите. Тоа повеќе боли од каква и да е шлаканица, верувајте ми.“
Најкраток на темата беше Фалон кој рече дека секому му е јасно какви биле Оскарите кога завршиле со соопштение од полицијата на ЛА. Тој најмногу време посвети на, според него, најголемата жртва на инцидентот, лидерот на бендот во шоуто, Квестлав, чиј Оскар за докумeнтарец комплетно падна во сенка на непријатниот настан.