По воведувањето на новиот закон за зголемување на минималните плати, работодавците ангажираат повеќе луѓе, отпуштаат повеќе луѓе или пак ги намалуваат работните часови.
На страна тоа што конзервативците редовно се против покачување на минималните плати (по издржани и не толку издржани основи), дел од противењето на оваа пракса доаѓа и од самите работници кои би имале корист од ваквото зголемување. Стравот на овие работници е дека зголемувањето на минималецот ќе ги натера компании да го аутсорсираат или автоматизираат нивниот труд, и дека работа од 8 долари на час е подобра отколку немање никаква работа.
"Компанијата за која работам веќе знае како да ги автоматизира фабриките и производствените линии. Единствената работа што за сега ги спречува е капиталната инвестиција потребна за тоа да се оствари," ја пренесува Мел магазин изјавата на 30-годишен работник.
Иако автоматизацијата е проблем процените се дека таа ќе стане панично проблематична дури за една деценија. Она што во моментот е поголем страв е дека минималецот од 15 долари ќе го отежне вработувањето на млади работници без никакво искуство, кои ги бараат најниските работни места за да го стекнат потребното знаење.
"Некои од работните места на кои работев не вредеа 15 долари на час. Ако 15-те долари беа задолжителни, јас ќе бев невработен. Мило ми е што минималецот беше 7,25 долари. Можев да влезам на работното место, да работам за искуство и со тек на време да добијам подобро платена работа," објаснува ветеран на американската армија, кој себе си се идентификува како ниска средна класа.
Џон Мекдермот во текстот за Мел објаснува дека е примамливо да ги отфрлиш овие поенти посебно затоа што одлично легнуваат на конзервативниот наратив, сепак:
"Економистите се подеднакво поделени околу ефикасноста на минималец од 15 долари на час како и либералите и конзервативците, и студијата на Универзитетот Вашингтон му дава на анти-15 долари аргументот одредена тежина. Ако ништо друго таа покажува дека ако поскромно покачување на минималната плата никако не влијае на вработување, трошокот од 15 долари на час едноставно е премногу висок."