Во рекламата објавена на германски и на полски јазик се порачува: „Не само што имаме подобри плати, подобра социјална заштита и подобри работни часови... исто така имаме и подобра клима, подобра храна и поблиску сме до Полска. А имате и безбедност на ЕУ држава.“
Брегзит и сите перипетии околу тоа кој, што и од каде ќе може да работи на островот само се погодија да бидат во исто време кога во Германија се влошува проблемот со недостатокот на медицински сестри.
„Полјаците се многу загрижени околу нивната иднина во Британија. Тие се загрижени околу слободата на движење, како и тоа дали ќе можат да останат и да работат во Британија,“ изјавил професорот од Универзитетската болница во Диселдорф, др. Тобиас Пот.
Пот најавил дека неговата болница планира и програма за преселба на полските медицински сестри, што значи патување до Британија да се запознаат со нив и помош да најдат сместување во Германија.
Во исто време британските власти алармираат околу хроничниот недостаток на медицински сестри во Британија. Моментално само во Англија има 41.000 отворени работни места за медицински сестри, а од референдумот за брегзит над 10.000 медицински сестри од ЕУ ја имаат напуштено Британија.