Џеф Безос побрза да му направи мерак на Трамп

Од корпоративниот сајт на Амазон, вториот по големина работодавец на светот, без трага се збришани сите корпоративни политики на компанијата во кои се истакнуваше како таа се залага за ЛГБТ правата и расната рамноправност.

Вашингтон пост пишува дека Амазон со време ја направил чистката за да нема непотребни искрења со новата администрација. Пример, на истиот корпоративен сајт повеќе никаде не се споменува ниту зборот „транссексуалец“.

Од сајтот целосно ги нема и сите референци за федерални и сојузни закони за заштита на транссексуалните лица и какво било споменување на здравствените бенефиции што ги добиваат транссексуалците вработени во компанијата. За сега не е јасно ни дали повлекувањето на овој текст ќе значи и укинување на бенефициите.

Збришани се изјавите и поддршката и за други иницијативи и про-ЛГБТ политики, како поддршката за федералниот Закон за рамноправност.

Наместо ова, Амазон сега има по-генерички изјави дека е против дискриминацијата, пример дека се благодарни што нивниот тим од 1,4 милиони вработени „ја отсликува разноликоста на светот.“

Безос (заедно со невестата) беше еден од неколкуте основачи на глобалните технолошки гиганти кои беа присутни на инаугурацијата на Трамп.

27 јануари 2025 - 14:09