Сите кои денес се помлади 14 години, а и оние кои уште не се во план да дојдат на светов, никогаш не ќе можат легално да купат цигари во Нов Зеланд. Првпат во историјата, една влада носи закон чија цел е легално да го искорени пушењето кај идните генерации.
„Илјадници луѓе ќе живеат подолги, посреќни животи а здравствениот систем ќе заштеди 5 милијарди долари затоа што нема да треба да лечат болестите од пушењето“, изјави заменик-министерката за здравство.
Се очекува иницијативата да биде проследена со други мерки кои треба да го направат пушењето помалку достапно, вклучително и намалување на дозволената стапка на никотин во цигарите. Државата го зголеми финансирањето на програми, здравствени услуги и кампањи, што би требало да им помогнат на граѓаните полесно да се одвикнат од цигари.
Бројот на специјализирани продавници во кои се продава тутун ќе биде намален, поточно десеткуван, од 6.000 на 600 во цела држава.
Законот би требало да стапи на сила од 2023-та, а е дел од заложбите Нов Зеланд да биде „непушачка територија“ до 2025-та година. При носење на законот, Јеша Верал го оцени како „одвратно и бизарно“ тоа што во земјата има повеќе законски регулативи за безбедноста на сендвичите одошто за цигарите.
„Бројот на пушачи вртоглаво опаѓа“, додаде таа.
Точно е дека бројот на луѓе што пушат цигари е паднат од 9,4% лани на 8% годинава, најниско откако се води евиденција. Но, бројот на луѓе што пушат електронски цигари следи обратен тренд и е пораснат од 6,2% лани на 8,3% годинава.