Демосот на Сан-Себастијан, Рим и Дубровник летово се дига на нозе порачувајќи дека им е доста од ордите туристи кои го уништуваат нивниот секојдневен начин на живот.
Емоциите на локалците, дополнително загреани од топлотните удари на Луцифер, доведоа до анти-туристички протести во некои од најпопуларните европски дестинации. Сфаќајќи го проблемот, Светската туристичка организација го брани својот сектор од неочекуваната фобија но побара од локалните власти да се обидат да го контролираат растот и да го направат одржлив и пристоен.
Доволно е да замислите како им е на дубровчани. Ќе дојде крузер, ќе им истовари 5.000 луѓе кои два саата ќе направат хаос по тесните улички на стариот град, ќе се сликаат, ќе купат сувенир и сладолед и по некое време ќе бидат сменети со нови 5.000 луѓе од некој нов крузер. И така 6 пати на ден, и утре пак.
Нервозата се чини најголема во Шпанија која лани забележа доаѓање на 75,6 милиони туристи а сервисите како ЕрБнБ ја изменија локалната економија. Младинското крило на една радикална партија (ЦУП) веќе организирано почнуваат да бушат гуми на туристички автобуси и точаци за рентање со аргумент дека „сегашниот модел на туризам ги брка луѓето од своите места на живеење и ја загрозува животната средина“.
Минатиот месец во Венеција - место со 55.000 жители и 20 милиони посетители годишно - на протест се дигнаа неколку илјади локалци а за август, анти-туристички протести се најавени во Сан Себастијан и Мајорка.
На почетокот на годинава, властите на Барселона започнаа акција против непријавените ЕрБнБ капацитети. Пријавени се 7.000 а се проценува дека во градот ги има двојно повеќе. Венеција забрани да се отвораат нови туристички капацитети во центарот на градот а Рим забрани јадење по фонтани и пиење по улици.