Верувањето во магии опстојува во модерниот свет

Луѓе наклонети кон науката и секуларното расудување отфрлаат „божји чуда“, но честопати веруваат во магии, суеверија, духови и клетви. Современиот пресврт кон рационалноста не ја елиминира фасцинацијата на луѓето од натприродното, туку само ја ослободува верата од институционалните ограничувања и авторитети, покажуваат резултати од ново истражување.

Секуларизацијата во постиндустрискиот свет генерално се одразува со опаѓачки општествен авторитет на религиозните институции, а не со целосно исчезнување на верувањата во натприродни сили.

Како што црквите и религиозните авторитети ја губат својата способност да го монополизираат моралното значење и да го регулираат однесувањето, празнината ја пополнуваат алтернативни духовни практики, истакнуваат социолозите Пол Фроуз, Исаија Кинг и Риукјан Ли.

Магијата и религијата заедно опстојувале низ историјата, иако функционираат сосема поинаку. Религијата обично бара верување во бог или богови, нуди сеопфатни објаснувања за постоењето и ги поврзува следбениците во заедничка морална заедница. Магијата, пак, се потпира на манипулирање со натприродни сили за световни награди и не бара теологија ниту централизирана институција.

На многу начини, магијата е структурно слична на раната научна мисла. Двата концепти претпоставуваат дека универзумот функционира преку механички сили, кои луѓето можат да ги откријат и да ги манипулираат за свои цели. Магијата ветува опипливи, световни резултати без да бара целосна посветеност на религиозна доктрина.

Раните природонаучници често се занимавале со алхемија и астрологија. Тие го гледале универзумот како скриена загатка што може да се декодира преку ригорозно набљудување и тајно знаење. Модерната наука ги отфрлила натприродните објаснувања во корист на строга емпириска верификација, но опстанала психолошката привлечност на манипулирањето со невидливи сили, како начин да се засили личниот оптимизам во хаотичниот свет.

Социолозите Фроуз, Кинг и Ли анализирале податоци од национално репрезентативна анкета на универзитетот Бејлор со која биле опфатени 1.812 возрасни Американци. Врз основа на одговори на широк спектар прашања за духовни практики, учество во верски заедници и филозофски ставови, истражувачите конструирале скала за мерење на „секуларен рационализам“.

На врвот на скалата биле луѓето кои верувале дека моралните одлуки треба да се базираат на човечкото искуство и кои претпочитале самите да ги толкуваат духовните прашања. Но, високиот резултат не значел нужно прекинување на сите религиозни врски. Некои сè уште верувале во Бог и се идентификувале со одредена религија.

Истражувачите ги споредиле овие ставови со три одделни категории на натприродни верувања - чудата, магијата и секојдневните суеверија - разликувајќи ги оние што вклучуваат божествена интервенција од оние што не бараат Бог или религиозна доктрина. Категоријата на магии вклучувала верување во духови, клетви, комуникација со мртвите и предвидување на иднината. Суеверијата вклучувале навики како што е избегнување зборови или дејства што би можеле да го расипат очекуваниот исход.

Вкрстувањето на одговорите покажало дека луѓето со повисоки резултати за секуларен рационализам имале помала веројатност да веруваат во чуда, а поголема во магија и суеверие. Поврзаноста помеѓу секуларниот рационализам и посилното магично верување била повеќе изразена кај луѓето што ги задржале религиозните врски (40%) отколку кај оние без религиозна припадност (19%).

Религиозната заедница прифаќа чуда, а отфрла гатање или повикување духови. Човек кој се потпира на сопствениот суд за духовни прашања може да ги прифати тие идеи. Оваа независност дозволува натприродните верувања да опстојат додека слабее довербата во религиозниот авторитет, заклучуваат авторите.

10 ноември 2026 - 15:39