Создале светлина во цврста и течна состојба

Воопшто не е лесно да се совлада основната лекција по квантна физика дека светлината има двојна природа - постои и како бран и како честичка. По ново, светлината може да биде и цврста и течна, и тоа во исто време. Науката продира подлабоко во нејасниот свет на квантната механика. Ќе треба да се пишуваат нови учебници по физика.

Нанотехнолози и физичари во Италија успеале да смрзнат и да стврднат светлина и така да превртат наопаку сè што сме научиле за квантната физика.

По долгогодишна работа, научниот тим на Даниеле Санвито и Димитрос Трипоѓоргос од италијанскиот Национален истражувачки центар ја потврдиле теоријата дека светлината може да биде во суперцврста состојба, што значи дека е цврста, а има својства на течност без вискозност. Истражувањето е објавено во престижниот журнал „Nature“.

За разлика од обичните материјали, кои се однесуваат согласно правилата на традиционалната физика, суперцврстите постојат само во квантниот свет. Такви материјали биле создадени во контролирани експерименти со атоми оладени на екстремно ниски температури.

Наместо со суперстудени атоми, италијанскиот тим ја постигнал состојбата со полупроводник алуминиум-галиум-арсенид и силен ласер насочен во него. При содејството се формирале хибридни честички наречени „поларитони“, кои се собрале во суперцврста состојба.

Физичарот Алберто Брамати од францускиот универзитет Сорбона го поздрави откритието како огромен придонес за подобро разбирање на квантната механика и за примена во квантната технологија.

10 март 2025 - 15:26