Сончева бура го изместила ГПС за 10 метри

Масивните сончеви ерупции од крајот на минатата година го нарушиле сателитскиот систем за глобално позиционирање, кој почнал да промашува прецизна локација за неколку метри. Тоа можеби се чини како мало отстапување, но може да направи големи бељи кај автономните возила и земјоделските машини кои користат сателитска навигација. 

Големата сончева бура од пред речиси една година оставила сериозни последици врз поврзаноста со сателитите за позиционирање, открија научници предводени од вселенскиот физичар Ендавоке Јизенгау од корпорацијата Аероспејс.

Во ноември 2025 година, Земјата беше погодена од неколку масивни ерупции на сончев материјал кој удри во магнетосферата на планетата. Тоа создаде величенствени поларни светлини и заслепувачки аурори, но бурата предизвика хаос врз технологијата на која се потпира современиот свет. Најновата анализа на податоците од времето на бурата покажала широко распространети нарушувања во атмосферата низ континенталниот дел на САД - феномен што никогаш порано не е забележан на ова ниво.

Во некои региони, сигналот на ГПС е поместен и до 10 метри, доволно за да го наруши движењето на автономните возила и прецизните земјоделски машини.

Влијанието на сончевите експлозии врз технологијата е добро познато. Сончевите ерупции, кои ослободуваат моќни експлозии на Х-зраци и ултравиолетово зрачење, можат да удрат во горната атмосфера на Земјата, привремено нарушувајќи ги високофреквентните радио комуникации.

Сончевите бури се поголем проблем. Кога облак од брзи наелектризирани електрони и протони од короната на Сонцето ќе удри во магнетосферата на Земјата, може да генерира електрични струи кои ги нарушуваат енергетските мрежи и го менуваат обликот на целата атмосфера, што е видливо преку засилената поларна светлина. За време на геомагнетна бура, енергетските честички можат да паднат во јоносферата, регион низ кој патуваат GPS сигналите. Флуктуации на густината во горната атмосфера може да ги наруши сигналите како светлина кога се прекршува кога ќе помине низ стакло.

Радио-сигналите што патуваат низ грутчеста јоносфера можат да бидат искривени и дифракционирани, предизвикувајќи нивната сила брзо да варира додека не стигнат до приемник. Овој ефект е познат како амплитудна сцинтилација. Јоносферската сцинтилација е вообичаена, особено кон половите и околу екваторот, но средните географски широчини генерално се сметаат за релативно мирни и безбедни. Интензивната супербура од ноември 2025 година ги прошири нарушувањата кон екваторот. 

Користејќи набљудувања од повеќе инструменти низ Северна Америка, вклучувајќи камери за поларната светлина и мрежа од приемници на копнениот Глобален навигациски сателитски систем (GNSS), Јизенгав и неговите колеги забележале огромен појас со зголемена густина на електрони што се протегал од исток кон запад низ јоносферата. Силна амплитудна сцинтилација имало низ континенталниот дел на САД, од 80 до 120 степени западна географска должина. Сателитските сигнали почнале да губат сила, а точноста на GPS се влошила.

Никогаш порано не е забележана силна амплитудна сцинтилација што опфаќа толку широк опсег на должини. Во некои региони, грешките во хоризонталното позиционирање надминаа 10 метри. Дури и грешка од само еден или два метра може да предизвика сериозни проблеми за технологиите што зависат од прецизно позиционирање, велат истражувачите.

Нешто послаба сончева бура од мај 2024 година ја чинеше американската земјоделска индустрија 500 милиони долари поради прекини во прецизната навигација. Штетата од супербурата од ноември 2025 година веројатно ќе биде помала, само поради тоа што не се случи за време на земјоделската сезона.

Двата настани покажуваат колку одредени индустрии можат да бидат ранливи на каприците на Сонцето, кое е на врвот на својот 11-годишен циклус на активност. Ако научниците можат подобро да разберат и предвидат како екстремната сончева активност влијае на јоносферата, можеби ќе бидеме подобро подготвени да го ублажиме нарушувањето кога ќе пристигне следната голема бура, заклучуваат научниците.

1 септември 2026 - 15:24