На шведската маса наречена планета Земја постои огромна секција вируси кои прават количина на биомаса еквивалентна на 25 милијарди луѓе. Затоа по малку чуди што научиците допрва сериозно се прашуваат дали има некој што научил да се храни од нив.
Досегашните наоди ја насочуваат надежта во правец на протистите, една шаренолика колекција од различни едноклеточни евкариотски организми со кои науката има проблеми уште во класификацијата, бидејќи не се ни животни, ни растенија, ни габи.
Исто како и вирусите, протистите ги има во милијарди и билијарди во морските води и некои од нив, можеби се хранат со вируси во нивната околина.
Ако актуелните истражувања вродат со плод, тоа ќе значи превртување на едновековната догма дека вирусите се агенти на хаосот кои само цицаат туѓи животи; ќе се покаже дека тие можат да бидат и корисни делчиња од мозаикот со кои се хранат и одржуваат некои други животи.
Своевремено биле собрани 1.700 поединечни протисти од две различни морски средини (Медитеранот и заливот во Мејн) и еден по еден биле отворани за да се анализира нивната содржина. Секој генетски материјал кој би се нашол кај нив а би бил различен од нивниот, веројатно би укажувал со што протист се храни, резонирале истражувачите.
Бидејќи ова се случува во ерата пред ковидот, истражувачите биле по малку разочарани што не нашле траги на бактерии во протистите. Но - погодете што? - нашле богат и шаренолик генетски материјал од вируси. Во некои од првите експерименти изведувани во 90-тите години научниците спојувале два типа микроби за да видат дали протистот ќе знае да конзумира и да дижестира вирус. Наспроти охрабрувачките резултати, на оваа линија на истражување било посветено минорно внимание во текот на годините. „Едноставно, темата ни излезе од радар,“ вели микробиологот Џулија Браун.
Приказната за нешто што се храни со вируси е далеку од тоа уште сега да удриме на веселба меѓутоа науката сериозно се надева дека на оваа планета имаме сојузници кои во текот на милионите години развој научиле дека вирусите знаат да бидат хранливи и превкусни.