Може ли вештачката интелигенција сама да заслужи Нобелова награда?

Вештачката интелигенција веќе има помагано во освојувањето на Нобеловата награда. Сега се поставува прашање за следниот, многу поамбициозен чекор. Може ли таа сама? Да не биде само корисна алатка туку независно да постави хипотеза, да спроведе истражувања и да дојде до откритија што ја менуваат науката и животот?

Коосновачот на Антропик, Џек Кларк, е убеден дека во следните 12 месеци, системот за вештачка интелигенција, координиран од луѓе, ќе направи откритие кое ќе ја заслужи Нобеловата награда. 

Но, позагадочно е прашањето дали еден ден ВИ ќе го може тоа и без  луѓе.

Во 2016 година, биологот и извршен директор на Sony AI, Хироаки Китано, ги предизвика истражувачите да развијат систем на вештачка интелигенција што би можел да резултира со откритие достојно за Нобелова награда. Го нарече предизвикот Нобел-Тјуринг и предвиде дека вештачката интелигенција би можела да ја освои Нобеловата награда до 2050 година.

Рос Кинг, истражувач по хемиско инженерство на Универзитетот во Кембриџ верува дека таков ВИ научник би можел да стане лауреат уште порано.

„Речиси е сигурно дека системите за вештачка интелигенција ќе станат доволно добри за да освојат Нобелови награди“, вели тој. „Прашањето е само дали ќе бидат потребни 50 или 10 години.“

Вештачката интелигенција веќе има припарено до Нобел. Во 2024 година, Нобеловата награда за физика им беше доделена на Џон Хопфилд и Џефри Хинтон за фундаментални откритија и пронајдоци што овозможуваат машинско учење со невронски мрежи. Нобеловата награда за хемија пак, беше доделена за предвидување на структурата на протеините, односно развојот на АлфаФолд, модел на вештачка интелигенција што реши децениски проблем во биологијата.

Тој модел може да ги предвиди структурите на речиси сите познати протеини, а Нобеловиот комитет истакна дека моделот е широко применет во истражувањето на лекови и други области и дотогаш го имаат користено над два милиони луѓе во 190 земји.

Во овој момент, компјутер може да предложи илјадници хипотези, но некој сепак мора да одбере нешто од тоа и хипотезите да ги претвори во вистински експерименти.

 

 

6 октомври 2026 - 10:35