Уште од почетокот на пандемијата, потеклото на вирусот беше една од најконтроверзните аспекти на темата.
Доминантната теорија објаснуваше дека SARS-CoV-2 е резултат на зооноза, пренос на вирус од животни на луѓе, затоа што имаше сличности со коронавирусот регистриран кај лилјаци.
Други пак цело време се сомневаа дека со вирусот некој се има играно, во лаборатории, најверојатно во онаа во Вухан, кинескиот град во кој вирусот првпат беше регистриран.
Во февруари 2021 година, тим од научници собран од Светската здравствена организација кои го посетија Вухан, соопштија дека лабораториско истекување на вирусот е крајно неверојатно. Сепак, овој заклучок подоцна беше оспорен од самиот шеф на СЗО, кој рече дека отфрлањето на оваа теорија било прерано.
Две скорешни публикации го зајакнаа наративот за природното потекло, поврзано со пазарите на отворено на кои се продаваат животни во Вухан. Но, критичарите забележаа дека за почетните денови на епидемијата недостасуваат толку многу податоци што зад ваков заклучок не може да се застане.
Истекување на вирус од лабораторија не е толку научно-фантастичен како што многумина мислат. Се верува дека епидемијата на грип од 1977 година е настаната токму на овој начин. Сепак, истекувањето вирус не значи автоматски дека тој бил создаден и генетски модификуван таму. Лабораториите се полни со немодификувани, природни вируси.
За генетски инженеринг на вирусот сега е објавена нова студија од едно американско-германско научно трио од виролог, фармаколог и имунолог.
Нивното тврдење е дека овој вирус има генетски карактеристики кои сугерираат дека вирусот бил „склопен“ со некоја форма на генетски инженеринг.
Тие тргнуваат од претпоставката дека создавањето геном долг како оној на сарс-ков-2 би подразбирало комбинирање на пократки фрагменти од постоечки вируси.
Првите реакции на трудот кој допрва треба да биде рецензиран се длабоко поделени. Некои сметаат дека студијата има многу технички мани но Франсоа Балу, професор по биологија на компјутерски системи на Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека резултатите се интригантни.
„Спротивно на многу мои колеги, не можев да идентификувам фатална мана во расудувањето и методологијата“, вели Балу.
Секаков заклучок околу евентуална човечката интервенција во вирусот ќе има сериозни и политички и научни последици. Кина сето ова време демантира дека вирусот е дојден од нивна лабораторија и побара меѓународна истрага која ќе ја испита можноста зад вирусот да стојат САД.