Гугл ќе пушта милиони заразени комарци за да спречи заразни болести

Како алтернатива на прскање хемикалии против ларвите на комарците, Гугл планира да ги сотре главните пренесувачи на болестите зика и жолта треска со ослободување уште милиони нови единки, биоинженерски заразени со природната бактерија Wolbachia. Кога овие мажјаци се парат со диви женки, потомството не преживува, па популацијата на комарците се намалува.

Калифорнија и Флорида може да станат полигони за тестирање на амбициозен и контроверзен проект на Гугл за спречување заразни болести. Технолошкиот гигант побара федерална дозвола за да ослободи 32 милиони специјално третирани комарци во текот на следните две години, за да го намали ширењето на болести како вирусот Западен Нил, енцефалитис, зика, и жолта треска.

Проектот е дел од малку познатата иницијатива Debug, која Гугл ја почна пред повеќе од една деценија за развој на нови технологии насочени кон намалување на популациите на комарци што пренесуваат болести.

Новиот предлог е насочен кон комарците Culex, кои ги пренесуваат вирусот Западен Нил и енцефалитисот од видот „Сент Луис“. Овие вируси циркулираат природно меѓу локалните популации на птици и комарци во Калифорнија. Според Центрите за контрола и превенција на болести, вирусот Западен Нил е главната болест што се пренесува преку комарци во САД.

Експертите тврдат дека испуштањето милиони нови инсекти нема да го зголеми ризикот со од пренесување на болести, бидејќи мажјаците не касаат луѓе. 

Со години се истражуваат алтернативи на традиционалните методи базирани на пестициди. Ова е одличен концепт. Очекуваме дозвола за да видиме дали функционира во природата, изјави Чед Хаф од регионална служба за контрола на комарци на Флорида.

Гугл тврди дека вештачка интелигенција и роботски системи биле користени за да се создаде ефикасна стратегија за заразување, размножување, сортирање и ослободување на комарците во доволно голем обем.

Локалните жители ги поздравуваат напорите за запирање на заразите, но не се воодушевени од тоа што ќе бидат предмет на експериментот. Тие предупредуваат на потенцијалните здравствени ризици, кои се неповратни по ослободување на толку многу комарци. 

Не сум сигурен дали би ги сакал во мојот двор. Многу работи може да тргнат наопаку. Би сакал да експериментираат во некоја друга сојузна држава, изјави за локален медиум Брент Нај од Тампа Беј.

Агенцијата за заштита на животната средина до 5 јуни ќе прима коментари од стручната јавност пред да одлучи дали да даде дозвола за експериментална употреба. 

1 јуни 2026 - 11:07