Еурека! Откриен нов дел во нашето тело

А ние наивни, мислевме дека до ноември 2013, официјалната медицина ја познава барем основната човечка анатомија. Следниот пат одиме на бајачка.

Во ера на магнетни резонанци, вештачки срца, операции со ласери и микрокамери, некако верувавме дека официјалната медицина, заснована на илјадници години научно средено искуство и на неброени пари дадени за нејзин развој, би требало барем до детал да го познава човековот тело.

Ама, мајчини тие, дури сега откриле - пазете ексклузивност - нов лигамент во коленото!

Цели 4 години им требало на двајца белгијски доктори да дојдат до овој пронајдок, тргнувајќи да ја решаваат медицинската мистерија на пациенти со оперирани лигаменти кои и натаму чувствуваат нестабилност во конструкцијата на коленото (тн pivot shift).

За да смешката биде поголема, најголеми заслуги за нивното откритие има текст од 1879-та година од еден француски доктор кој теоретизирал за можноста за постоење екстра лигамент во коленото. Двајцава користеле современи техники на дисекција на кадавери и ја потврдиле хипотезата од 19-от век.

Велат дека откритието може да донесе револуционерни промени во третманот на ваквите повреди карактеристични за спортистите ама, не баш одма. Белгиското дуо порачува дека ќе бидат потребни години нивното откритие да биде искористено во практични хируршки зафати.

 

6 ноември 2013 - 20:41