
Европската организација за атомски истражувања тврди дека изградила контејнер за транспорт на честички антиматерија, кои се неверојатно чувствителни и на најситни физички и температурни промени. Контејнерот е голем два метри и е полн со уникатна опрема што ги одржува античестичките во својата состојба.
Камион пренесол контејнер со протони на далечина од 4 километри, од Франција до Швајцарија, без да се уништат примероците. Охрабрени од експериментот, во ЦЕРН прават планови за транспорт на антиматерија низ цела Европа, користејќи јавни автопати. Првата пратка ќе биде наменета до супермодерната лабораторија на Универзитетот Хајнрих Хајне во Дизелдорф, каде што мерењата се сто пати попрецизни од било кое досега на ЦЕРН. Таа е оддалечена речиси 800 километри од „фабриката“ за антиматериски честички во Женева.
Антипротоните што се создаваат во АМФ не можат да бидат истражени на истата локација. За да се уловат, нивната огромна енергија ја забавуваат моќни електромагнетни полиња, кои создаваат „врева“ што им пречи на мерните уреди. При транспорт античестичките мора да се одржуваат во екстремен вакуум и суперпроводници на температура блиска до апсолутна нула за да можат електромагнетните полиња да го задржат вредниот товар на фиксно место. За сè ова се неопходни резервоари од течен хелиум и моќни извори на енергија.
Контејнерот содржи вентил, електронски уреди, магнети и батерии за напојување. Наполнет со протони и прикачен на камион, тој бил транспортиран 4 километри до центарот Мејрин на ЦЕРН, со брзина што не надминала 40 километри на час. Уредите не се загреале над 5 Келвини. Единствениот проблем била турбуленцијата во коморите за течен хелиум, но сите протони останале на своите места.
Демонстриравме автономна операција без надворешен енергетски извор од четири часа и без губење протони. Успешната проба е почеток на нова ера во прецизни истражувања на антиматерија, објави ЦЕРН.
Пред да бидат натоварени на камиони до Хановер, се планира експериментален транспорт на антиматериски честички.