Дејвид Гилмор и Роџер Вотерс се доспукаа

Иако е јасно дека со години/децении не се можат, двајцата главни ликови од Пинк Флојд ги дозакопаа надежите дека овој бенд некогаш може повторно да се обедини во најјаката постава. Како и во многу други драми меѓу бивши другари, и овде битна улога има жената на едниот. 

Сопругата на Дејвид Гилмор, новелистката Поли Самсон одеднаш запука по Роџер Вотерс на Твитер дека е „антисемит до коска“ плус апологет на Путин плус лажлив лицемер склон кон крадење и неплаќање данок плус дека пее на плејбек, плус мизогиничен, плус болен од завист мегаломан!

Бреееј!

Не е јасно што толку ја има напнато Поли, но може да е интервјуто на Вотерс за германскиот Берлинер Цајтунг во кое тој останува на своите паралели на денешниот Израел со нацистичка Германија заради третманот на Палестинците, ја обвинува израелската држава за геноцид и го повторува апелот за нејзино бојкотирање.

Вотерс, кој има дигнато раце од Пинк Флојд уште пред 40 години, на својата страница напиша дека „израелското лоби“ се обидува да го замолчи преку „одвратна кампања за оцрнување“ и инсистира дека не е антисемит.

Како одговор на Самсон, нејзините коментар ги опиша како „запаливи и ужасно неточни“, и имплицираше дека размислува за правна постапка.

Гилмур пак, кој само повремено се појавува на социјалните мрежи, подоцна возврати дека жена му не кажала ништо освен факти.

Вотерс неодамна стана вест на денот заради неговата преписка со Олена Зеленска, му имаше пишано и на Путин, а убаво е и да видите што се кажува во статијата „Што сум го седнуел Роџер Вотерс“ и „Цензорската секира гледа десно ама делка лево“.

Приказната како и зошто Гилмор и Вотерс се имаат одсакано е малку досадна, но ја имате овде.

10 февруари 2023 - 14:37