Врховниот суд на Италија ја потврди 14 месечната затворска казна за Алесандро Салусти, моментално уредник на десничарскиот весник Ил Џорнале, во сопственост на медиумската империја на Берлускони. Контроверзно во случајот е што текстот кој е оценет како навредлив е напишан од анонимен автор, потпишан со псевдоним Драјфус.
Станува збор за постар случај, од 2007-ма година, кога во во весникот Либеро во кој Салусти тогаш беше главен и одговорен уредник осамна осуда на одлуката на судот да дозволи абортус на едно 13 годишно девојче. Па "Драјфус" бараше смртна казна за судијата, гинекологот кој ќе го врши абортусот и родителите на девојчето.
По одлуката на Врховниот суд, Салусти рече дека не му е страв да оди во затвор и дека ќе даде оставка на уредничата позиција за доброто на весникот и на читателите. Гневен на одлуката, оцени и дека вакви одлуки се карактеристични за репресивни режими како Сирија или Северна Кореја.
И други новинари се вознемирени од одлуката на судот. Загриженост изрази и новинарскиот синдикат а експерти за уставно право велат дека е апсурдно во 2012-та година новинар да лежи во затвор заради искажано мислење.
Најинтересниот момент е што после 5 години тегнење на случајот по сите италијански судови, Драјфус сам се пријави.
И тоа не е никој друг актуелен член на италијанскиот парламент од редовите на партијата на Берлускони. Ренато Фарина тогаш бил заменик уредник на Либеро. "Јас го напишав текстот и јас ја преземам сета законска и морална одговорност," изјави Фарина пред парламентот, барајќи обвновување на целиот судски процес.
Загриженост за вакви епилози се изразува и во врска со македонскиот предлог закон за навреда и клевета.