Кога во септември 1906-та година се отвора Њујоршкиот зоолошки парк во Бронкс, посетителите ги очекува ексклузивно изненадување; меѓу сите тие егзотични животни е и едно црно момче. Се викал Ота Бенга, се претпоставува дека имал околу 23 години и бил припадник на Мбути пигмејското племе. И тоа не било првпат да биде изложуван како жив експонат која ќе ја скокотка или ужаснува љубопитноста на белците.
Бил донесен од Конго од страна на мисионерот Семјуел Филипс Вернер кој има кажано неколку контрадикторни верзии како го набавил па вистината веројатно нема никогаш да се дознае. По една од нив, Бенга имал жена и две деца кои биле убиени од белгиските војници на аристократскиот психопат Леополд (види: Кога ќе убиеш десет милиони Африканци, не те викаат „Хитлер“) во потрага по слонова коска.
Најголемо внимание привлекувале шпицастите заби на момчето кои на посетителите им се објаснувале со канибализмот на неговото племе, иако, острењето заби било верски ритуал кој немал директна врска со прехрамбените навики на Мбути племето.
На информативната плоча на неговиот кафез пишувало:
„Ота бенга е возрасен мал човек, со добра глава, пријатен лик, бистри очи и не е обрасната како што викаат некои истражувачи. Најсреќен е кога има да прави нешто со рацете.“
Во Зоолошката денвно доаѓале и по 40.000 луѓе, и за повеќето од нив Ота бил главната атракција. Бидејќи бил под постојани ѕверења во него, исмејување и ужаснување, знаел да биде агресивен и кон посетителите и кон чуварите што дополнително ја зголемувало неговата атрактивност.
Во САД биле донесен две години претходно и бил изложен на еден панаѓур во Сент Луис каде за пет центи ги покажувал забите.
Неговото ставање во зоолошки кафез не минало без реакции и осуди на јавноста.
„Ги праќаме нашите мисионери во Африка за да ги христијанизираат луѓето а потоа тие луѓе ги носиме овде за да ги брутализираме,“ пишувало во Њујорк Тајмс.
Кога незадоволството се претворило во протести предводени од група црни христијански свештеници, Ота прво бил изваден од кафез и пуштен слободно да се движи по Зоолошката за подоцна сосема да излезе од таму и да биде однесен во едно сиропиталиште. Но, и таму луѓе нагрнувале за да зјапаат во него и да му бараат да ги покажува забите но Ота веќе не можел да поднесе некој да гледа во него како во мајмун.
Потоа се преселува во Вирџинија, го подзаучува англискиот јазик и се вработува во фабрика за тутун. Но, со себе ги носи сите трауми и лузни од доаѓањето во големата Америка, како и носталгијата по својот крај и своите луѓе.
Во 1916-та година, на негови 32 или 33 години, пали ритуален огин, си ги крши врвовите на забите, со позајмен пиштол си пука во срцето и се самоубива.