Стара е тоа идеја. Уште во 1932 година Винстон Черчил фантазираше: "За пеесетина година нема да мораме да одгледаме цела кокошка за да добиеме стек или копан". Истовремено, тоа е една од оние идеи кои наоколу се присутни долго време, но, никако да заживеат. Како и нашите колонии на Месечината, енергијата од чаша вода или летечките автомобили.
А не заживува затоа што месото тешко се лажира. Комплексна ви е тоа материја, што би рекле професорите. Една кременадла содржи десетици илјади мускулни влакна, крвни садови, суптилни врзивни и мрсни ткива. Стотици елементи, кои во сирова форма речиси и да немаат вкус, но, кога ќе се фрлат на оган, почнуваат да прават магија. Миоглобинот, шеќерите и аминокоселините под висока температура го започнуваат својот танц кој завршува со комплексни комбинации од ароми, текстури и вкусови.
Досегашните обиди да се одвикне човекот од месото се сведуваа на понуда на коекакви сурогати од соја или габи. А тоа, да бидеме искрени, нит се гледа, нит се јаде, нит може да им примириса на боговските симфонии кои ги нуди месото.
Сепак, изгледа сме блиску до замена. Понудите доаѓаат од две различни лаборатории, американска и холандска. Првата ја води угледниот и ексцентричен професор по молекуларна биохемија од Стенфорд, Петрик Браун. За жал, главните детали од процесот параноично ги крие. Дури и новинарот на Гардијан кој имал чест да биде прошетан по неговата лабораторија, морал да потпише NDA (договор за доверливост и неоддавање информации) па открива само дека синтетичкото месо на Браун се произведува од растителна база.
Втората лабораторија е во Мастрихт, добила милионска донација од Владата за овој проект и со неа управува доктор Марк Пост. Таму месото се синтетизира од животинска база. Се проценува дека од месото на едно единствено животно ќе може да се одгледаат стотици тони лабораториско месо. Но, процесот е скап и макотрпен. Засега, еден хамбурегер од холандската лабораторија би чинел околу 200.000 фунти.
Браун и Пост се познаваат. И не се трпат. Браун ја омаловажува технологијата на колегата велејќи дека е скапа и назадна. Пост за Браун признава дека е генијалец но дека методот нема да му заживее заради его-проблемите на авторот. "Најголемите негови проблеми се со самиот себе," вели Пост за американскиот колега.
Кој и да успее, ќе биде тоа револуција. Доколку непријателот на револуцијата не успее навреме да ја задуши. А непријателот е милијарди тешката месна индустрија која ако не се одбрани, ќе ја сподели судбината на оние кои своевремено лагодно живееа од производство на машини за пишување или факсови.
Човековиот однос кон месото е еден од главните обележја на нашата цивилизација. Само затоа што е вкусно (а вкусно е, да не може да биде повкусно), човекот прави р'шум во животинскиот свет. Убиваме 1.600 цицачи и птици - секоја секунда! Башка рибите и останатата морска храна. Растителниот свет кој нè храни зафаќа само 4 проценти од искористивата површина на Земјата. А "месните плантажи" зафаќаат 30 проценти. Тоа значи трошиме 7 пати поголема површина за да добиеме месо отколку што ни е потребно за хранливи растенија.
А нас, не само што нè има се повеќе туку и сè повеќе јадеме месо. Се проценува дека до 2050-та година побарувањата на месо ќе бидат удвоени.
Тоа е лош сигнал за планетата. Сегашното ниво на производство на месо е одговорно за 5 проценти од глобалната емисија на CO2, за 40 проценти од емисијата на метан и исто толку процентно испуштање азотни оксиди. Со удвоено производство, сите наши кокошки, прасиња и јагниња ќе бидат еколошки штетни колку половина од вкупната штета од сообраќајната индустрија.
Бидејќи односот кон месото е во голема мерка и верски одреден, доктор Пост се распрашал и таму. Верските водачи со кои разговарал велат дека лажното месо ќе биде сосема кошер и сосема халал. Тоа значи дека муслиманите ќе можат да јадат синтетичко прасечко а Индусите без грижа на совест ќе можат да пробаат телешко. "Сè додека постои доволен број чекори меѓу изворот и производот, таквиот производ ќе биде дозволен", пренесува Пост пораки од имамите и рабините со кои разговарал.
Според него, за 50 години луѓето ќе се чудат што некогаш сме убивале животни за да јадеме месо. Но, не заборавајте, така мислеше и Винстон Черчил во 1932-ра.