Светот губи апетит за веганска храна

Веганската исхрана како „поздрава“ алтернатива на месото пред само неколку години се промовираше како „културна револуција“. Рестораните и супермаркетите сега се откажуваат од продажба на веганска храна поради намалениот интерес на купувачите. Луѓето им се враќаат на свинското и на пилешкото како едноставни и поевтини извори на протеини.

Продажбата на храна од растително потекло во Британија се намалила за 4,5% на 898 милиони фунти во годината до јануари 2025 година, покажува неодамнешен извештај на Европскиот институт за добра храна. Податоци од агенцијата NIQ покажуваат дека од 2022 година постојано се намалува бројот на домаќинства што барем еднаш годишно купуваат алтернативи за месо. Предизвикот „Вегануари“ – да се издржи цел месец без да се касне храна од животинско потекло, лани го издржале само 1% од оние што се пријавиле дека ќе го почитуваат.

Минатата година беше особено критична за бизнисите што доминираа на веганскиот пазар. Во април, Neat Burger, синџирот за вегански бургери поддржан од Леонардо Дикаприо и Луис Хамилтон, претрпе значителни загуби и ги затвори сите свои ресторани во Британија.

Вегански специјалитети исчезнуваат од менијата низ цела Европа. Растителниот бургер на „Мекдоналдс“ во јули тивко беше повлечен од австриските ресторани на синџирот, а „Доминос“ ја намали својата веганска понуда.

Грејс Витерс од Одборот за развој на земјоделство и хортикултура вели дека апетитот на потрошувачите бил преценет.

Дури и кога веганството беше најпопуларно, многу луѓе тврдеа дека се вегани, а не се придржуваа до диетата. Често се откажуваа кога беа гладни или сакаа нешто вкусно, вели Витерс.

Големо влијание врз откажувањето од веганското мени има и поскапувањето на растителните алтернативи на месото во изминатите неколку години.

Поради зголемените трошоци за живот, на потрошувачите им е важна цената. Производите без месо се поскапи од свинското и пилешкото и не може да се натпреваруваат со цените, додава Витерс.

На ова се надоврзаа и нови студии што сведочат за зголемен ризик за здравјето од ултрапреработената храна. Во САД, администрацијата на Доналд Трамп почна кампања за враќање на здравите масти и млечните производи на врвот на пирамидата на храна.

Сведоци сме на промовирање на едноставна храна: црвено месо, путер и полномасно млеко. Протеините полесно се добиваат од животински извори. Едноставноста резонира кај луѓето во свет кој станува сè повеќеслоен и покомплексен, вели Биа Безамат од фирмата за анализа на малопродажбата „Кантар“.

20 јануари 2026 - 10:51