Стариот има нов совет

Од грижа на совест што неговиот прв совет комплетно го игнориравме и ич не го применивме во нашите животи, бевме зарекнати дека ако стариот има и друг совет, тој слепо ќе го слушаме, каков и да е. И види чудо, има! Да видиме што ни се падна.

„Да си јадеш сè што ти бара душата!“, авторитетно порачува дедото кој стана регионална интернет ѕвезда кога ги наруга пензионерите зашто само кукаат на болести а не вежбаат.

82 годишниот хрватски пензионер Таљат Селмани кого нагалено го викаат дида Тони вика дека човек не треба од ништо да се ускратува.

„Јади сè што организмот ти бара: и слатко и солено и луто и кисело. Треба да се јаде сè. Она што не ти годи да не го јадеш. Слушај го своето тело бидејќи тоа е твојот господар.“

Тој самиот сабајле обично јаде леб и сирење, па пие кафе па дрма ракија.

„За ручек обично јадам месо, овчо, јагнешко, пилешко, мисиркино... Колку ми се јаде, толку јадам,“ вели Тони кој од Албанија во Загреб има дојдено во 1960-та година, со сопругата има син а во младоста има работено како манекен во реклами за фамозната колонска вода Питралон.

Има уште неколку детали кои тој ги кажува (да се миеш со ладна вода и слично), но нашиот господар штотуку кажа:

- Пастрмајлија!

Ве оставаме со првиот совет:

2 февруари 2019 - 12:52