На почетокот на ноември 2016 панично информиравме (ретко ставаме извичници во наслов) за одлуката на производителот на Тоблероне, чоколадото во Англија да се продава со проретчени шпицови, нешто што го објаснуваа со желбата да не ја дигаат цената на едно од најпрепознатливите светски чоколада (а за да не одат во минус, морале да ја намалат грамажа).
И тогаш не можевме да се изначудиме зошто едноставно не ја скратија должината на чоколадото наместо да го уништуваат неговиот релјеф (кој наместо на швајцарските Алпи почна да асоцира на Холандија), но за среќа, експериментот траеше релативно кратко.
Производителот Монделез сега најавува дека 150 грамската верзија ќе стане 200 грамска, што е за 33% повеќе чоколадо.
Но, ако 150 грамското Тоблероне некогаш во Англија се продаваше за околу една фунта, новата верзија ќе биде 200% поскапа, со малопродажна цена од 3,09 фунти.
Секое задоволство се плаќа. Особено укинатото.