Првата "бутка" за храна што доби Мишелин ѕвезда

Новиот Мишелин водич Сингапур им даде ѕвезда на двајца улични продавачи на храна, што се случува за прв пат во историјата на водичот. Објаснувањето на судиите од Мишелин до еден од  сопствениците: ние оценуваме храна, а не објект.

Едниот од нив е сопственикот и готвач од Hong Kong Soya Sauce Chicken Rice and Noodle, Чан Хон Менг, уличен продавач на храна во Чајнатаун комплексот во Сингапур (најголемиот центар во градот со улична храна), каде ручекот чини половина од цената на Биг мек.

"Самата 'бутка' не е ништо посебно импресивна дури ни според сингапурски стандарди; има светлосна реклама со менито и ред зготвени пилиња кои висат на куки, и личи на која било слична бутка што може да се види во ваквите центри низ земјата.

Меѓутоа цената ја прави најдостапниот Мишелин оброк што можеш да го купиш: порција пилешко во соја сос и ориз, чини неполни 1,3 евра - што е помалку од половина цена на Биг мек во Мекдоналдс," пишува Кирстен Хан во Гардијан.

Менг работи 17 часа дневно и продава по 180 кокошки, што е 30 повеќе од пред објавувањето на наградата. Редот за чекање кај Менг обично трае неколку часа, и тоа кога не е гужвата.

Гардијан на лице место начекува еден локалец, на кој ова му е трет пат да се обиде да купи јадење од кај Менг: "Првиот пат им снема храна, а вчера затворија пред да стигнам на ред. Се надевам дека сега ќе успеам да купам нешто."

Вториот награден е готвачот од Tai Hwa Pork Noodle, кој служи порции нудли со мелено месо.

 

5 август 2016 - 09:35