Проблемот со рафтови полни овошје и зеленчук низ целата година

Откако Италија и Шпанија зафатени од снег сличен на нашиот не успеаа на островот да му ја испорачаат потребната количина на овошје и зеленчук, во јануари на Британците им се случи сериозна криза која ги испразни пиљарите во супермаркетите. Откако пркна сонце, работите се вратија на нормала, ама проценките се дека догодина ќе биде само полошо.

Откако доставата од Медитеранот секна, решението на супермаркетите беше увоз од САД по претерана цена и потрошувачка. Пресметката е дека 1 калорија марула што доаѓа од Калифорнија во Британија, потрошени се 127 калории во гориво.

"Зошто би продавале со загуба наместо да нè остават без тоа, или да стават цени кои ќе одговараат на променливиот пазар?

Одговорот е дека во последните 40 години, целиот систем на супермаркети работи на создавање на илузија за перманентно глобално летно време. Како резултат на ова огромен број на плодови кои се достапни во секое годишно време се една од главните продажни предности што големите продавници ги имаат во однос на своите ривали. Ако привлечниот оддел со овошје и зеленчук ставен на влезот од продавницата почнува да изгледа празен, ти нема ни да се трудиш да влезеш во нејзе," објаснува Фелисити Лоренс во текстот за Гардијан.

Она што таа предупредува е дека проблемот од зимово е многу повеќе од "грешка во Матриксот", а супермаркетите никако не можат да си го признаат тоа.

Освен проблемот со сериозната зима што го зафати инаку млакиот Медитеран, снабдувањето ќе биде погодено и од притисокот од инфлација пост-брегзит доколку падне вредноста на фунтата во однос на еврото, а цената ќе биде дополнета и од новите тарифи што ќе бидат воведени по напуштањето на заедничкиот пазар.

Лоренс објаснува дека супермаркетите во Британија во 1980-те го немаат истиот пејзаж како денес, на "прекрасни, перфектно полни, речиси клинички" полици. Според нејзе клучната промена се случува кога Шпанија, Португалија и Грција се приклучуваат кон ЕУ. Тогаш европските фондови се користат за изградба на патна мрежа низ Медитеранот "која дозволува 44-тонски камиони ладилници полни јужни производи да патуваат кон северна Европа во зимските месеци, и тоа не само во Британија, туку и во Германија и Скандинавија. Во 1990-те има 90% раст на движењето на земјоделски и прехранбени производи меѓу Британија и Европа".

Системот на перманентно глобално летно време, има два фатални недостатоци:

- Прво зависи од расипничко користење на ограничени ресурси - вода, почва и фосилни горива. Снабдувањето на Британија (и сите останати) се прави со експлоатација на фрагилните екосистеми во останатите држави.

- Второ, системот се базира на експлоатација на евтина работна сила, претежно мигранти, чие ангажирање не е случајност туку структурално решение на овој модел. Мигрантите од Африка работата на жетва во Италија и Шпанија, а мигрантите од Источна Европа работата во центрите за дистрибуција на овошје и зеленчук во Британија.

"Напуштањето на ЕУ треба да е можност за радикално разгледување на нашиот систем за храна, меѓутоа владата покажува малку знаци дека го разбира ова. Па кога ќе видам слика во светкав магазин или Инстаграм со летни јадења зготвени сред зима, со состојки донесени од далечни клими, се прашувам, дали за неколку децении од сега, и ние ќе изгледаме како викторијански колонизатори гордо фотографирани до убиен лав или друг дивеч во Африка. Тие тешко дека воопшто помислиле дека го консумираат својот свет до исчезнување," порачува Лоренс.

20 февруари 2017 - 16:14