Диета со која ќе ја спасите планетава

Откако со децении килаво проаѓаат сите диети зад кои мотивацијата за слабеење е лична, научниците развиле диета која ветува дека оваа планета ќе може да прехрани 10 милијарди луѓе. Со други зборови, кога ќе сакате да загризете во оној ваш омилен колач, сочно парче месо, пастрмалија или што и да е што вам ви прави лиги, треба да си кажете: „Ама така ќе нема за сите!“. Наука ако не те насмее, кој?

Ај прво добрите вести: научно развиениот режим на исхрана наречен „планетарна здравствена диета“ не забранува месо и млечни производи. Само што ги дозволува во такви износи кои во светот на парфемите се викаат „тестери“.

Ама затоа ветува дека ќе спасува животи и дека на тој начин ќе може да се прехранат 10 милијарди луѓе (колку што ќе нè има во 2050-та година) без да се соочиме со очекуваните катастрофални пореметувања на животот на целата планета. Тоа го гарантираат 37 научници од различни области кои биле повикани во составување на спасувачкото мени. 

Ако секој ден јадете месо, ете го првиот проблем. Еден бургер неделно и една голема кременадла месечно, толку. Во меѓувреме можете да имате и по неколку порции риба и пилешко но остатокот од протеини ќе мора да го барате во јаткастите плодови и растенијата. Треба ударнички да нагрнете на зеленчук и овошје бидејќи тие треба да прават половина од вашата дневна порција гастро - хедонизам.

Елем, ако сте за, од утре ова и волку:

1. Јаткасти плодови - 50 грама дневно
2. Грав, леќа, грашак, наут и други мешункасти плодови - 75 грама дневно
3. Риба - 28 грама дневно
4. Јајца - 13 грама дневно (јајце ипол неделно)
5. Месо - 14 грама дневно црвено (нормално) месо и 29 грама дневно од тоа незанимливата пилетина
6. Јагленхидрати - леб од интегрални зрна плус ориз 232 грама дневно и 50 грама компир или друго со скроб.
7. Млеко - 250 милилитри дневно
8. Овојше и зеленчук - 200 рама од првото и 300 грама од второто.

БиБиСи прашувале и експерт дали тоа дневно мени ќе биде и вкусно, ама бидејќи не јадете од вчера, видете ја пак сликата и јасно ќе ви е каков ужитак е тоа (што попрво да земеш од понуденото и дали тоа да го изедеш цело или да си чуваш за вечер?).

Плането, сепак побарај некоја друга услуга од нас.

*****

Види и:

Како ќе ја преживееме 2050-та, кога ќе нè има 10 милијарди?

 

17 јануари 2019 - 14:02