Кој урочи Трамп у очи

Бајачките се обединуваат против Трамп

Дури ни Мајк Мур не мислеше „до толку“ кога повика на широк граѓански фронт против Трамп и пишуваше упатство за делување. Бајачки и вештерки низ цела Америка се подготвуваат синхронизирано да му фрлат урок на човекот кого сам по себе многумина го доживуваат како клетва. Имаме упатство и за ова...

Во американската вештерска заедница кружи документ во кој се бара од луѓето што ги бива за тоа да вршат месечен ритуал сè додека претседателот не биде отстранет од функцијата.

За да функционира, масовната магија мора да се врши на полноќ по источноамериканско (по наше во 6 сабајле) на секоја стара месечина.

Првата таква се случи последниов петок а по неа ќе следуваат слични прилики на 26 март, 24 април и 23 мај итн.

Мајкл М. Хјуз, кој пишува за паранормалното и минатата недела ја постираше клетвата, нагласи дека тоа е т.н. врзувачка магија, која не е исто со клетвата или лошата магија.

„Тоа е контролирање, а не повредување“, вели Хјуз за Хафингтон пост. „Јас тоа го гледам како самоодбрана.“

Хјуз објаснува дека чул дека две вештерски групи планираат такви магии, па прашал дали може да го пренесе тоа до поширока публика.

Инструкциите за фрлање магија оттогаш станаа вирални, а постои и група на Фејсбук што се занимава со одговарање на прашањата на заинтересираните субјекти.

За вршење магија е потребна добра доза посветеност, а потребните инструменти се:

  • Слика на која Трамп е излезен лошо (никаков проблем)
  • Кула тарот-карти
  • Портокалова свеќа
  • Игла или мал клинец (за пишување на свеќата)
  • Бела свеќа, која го претставува елементот оган
  • Мал сад со вода, кој го претставува елементот вода
  • Мала чаша сол, кој го претставува елементот земја
  • Пердув (каков било), кој го претставува елементот воздух
  • Кибрит или запалка
  • Пепеларник или сад со песок

Вршителите почнуваат со впишување на зборовите „Доналд Џеј Трамп“ на портокаловата свеќа со иглата или клинецот. Потоа ги редат другите предмети во круг и ја потпираат кулата од карти на нешто за да стои исправено.

Хјуз предлага пред почетокот на магијата на глас да се прочита 23-тиот Псалм со палењето на белата свеќа.

РИТУАЛОТ

(V. 2,1)

(Запали ја белата свеќа)

Чујте ме, о духови

на водата, земјата, огнот и воздухот

небески роју

демони од пеколните сфери

и духови на предците

(Запали го изрезбаното парче портокалова свеќа)

Ве повикувам

да го врзете

Доналд Џеј Трамп

така што тој да не може да мрдне

да не може да направи никакво зло

на ниедна човечка душа

ниту, пак, на дрво

животно

камен

поток

или море

Врзете го за да не ја урниса нашата држава

узурпира нашата слобода

или исполни нашите умови со омраза, збунетост, страв или очај

и врзете ги и сите оние

што го овозможуваат неговото зло

и оние чии усти ги говорат неговите отровни лаги

Ве преколнувам, духови, врзете ги сите

како со железни синџири

врзете ги нивните зли јазици

урнете ги нивните кули на суетата

(Турни ја кулата од тарот-карти)

Ве преколнувам од мое име

(кажи го твоето име и презиме)

од името на сите што одат

ползат, пливаат или летаат

на сите дрвја, шуми,

потоци, пустини,

реки и мориња

во име на правдата

и слободата

и љубовта

и еднаквоста

и мирот

Врзете ги во синџири

врзете им ги јазиците

врзете им ги делата

врзете им ја злобата

(Запали ја малата слика на Трамп од пламенот на парчето портокалова свеќа и држи ја внимателно над пепеларникот)

(Сега гласно и со нагласена страст кажи ја масонската ритуална фраза So mote it be! додека сликата се претвора во пепел)

И нека биде!

И нека биде!

И нека биде!

(Дувни ја портокаловата свеќа, замислувајќи како Трамп се распрснува во прав или пепел)

(Изгаси ја белата свеќа, ставајќи му крај на ритуалот)

Кога церемонијата ќе заврши, Хјуз вели дека е клучно значење да се „вратите на земја“, па препорачува „смејте се гласно и срдечно, скокајте горе-долу, плескајте со рацете, газете си ги стапалата и каснете залак од нешто. Смирувањето е многу важно - немојте да го занемарувате. И сетете се, тој ги мрази луѓето што му се смеат“.

ВАРИЈАНТИ

Алтернативен крај: откако сте си замислиле како се распрснува енергијата на Трамп, зјапајте неколку моменти во пламенот од белата свеќа, затворете ги очите и замислете како од темнината излегува сјајна светлина и постепено се оформува во огнениот факел на Статуата на слободата. Светлината од факелот потоа интензивно блеска, се проширува во бесконечност и ја согорува целата темнина. По неколку моменти, отворете ги очите, смирете се и изгаснете ја белата свеќа, завршувајќи го ритуалот. Исто така, може да ја оставите сама да догори.

Традиционална врзувачка варијанта: оваа варијанта е дело на еден маѓепсник и содржи потрадиционална форма на врзувачка магија. Наместо да ја пали сликата, маѓепсникот ја врзува сликата за портокаловата свеќа со црн конец. Додека го мотате конецот околу фотката и свеќата, трипати кажете „Те врзувам“. Ако ви е ќеф, може да му исповрзете и јазли на конецот. Потоа целиот пакет закопајте го или, како што предлага маѓепсникот, „Оставете го пред некој од хотелите на Трамп“.

Употребете го неговиот сопствен слоган против него: наместо „So mote it be“, со нагласена страст кажете: „Отпуштен си!“. Ова би требало да е особено прекрасно додека пламените го голтаат неговиот лик.

Портокалова замена: за оние што не можат да најдат парче портокалова свеќа, се сугерира користење морков (а сликата да се запали со белата свеќа).

Хјуз смета дека ритуалот сам по себе има терапевтски ефект.

„Ако луѓето се чувствуваат помоќно и помалку измачено, се важи“, вели тој.

 

25 февруари 2017 - 13:45