На секој женски карактер во семејните холивудски филмови (оние кои се формативни за младите луѓе) доаѓаат по три машки карактери. Во сцените во кои се прикажуваат групи, само 17 проценти во групата се женски.
"Ваквиот диспаритет трае уште од илјада деветско четириесет и факинг шеста година", пишува Џина Дејвис во колумна за Холивуд Репортер коментирајќи ги бројките од една опсежна студија за родовата застапеност во американската филмска продукција.
На ова додајте го хипер-сексуализирањето на женските ликови дури и во најбаналните филмови, недостатокот на професија или амбиција на женските карактери и ја добивате сликата на Холивуд, вели 57 годишната актерка.
Нејзиниот план за уривање на сексизмот во два чекора е исклучително едноставен и се однесува на оние кои ги креираат филмските сцени. Вика:
Чекор број 1: Минете низ филмскиот проект кој веќе го работите и сменете ги имињата на машките ликови во женски имиња. Со еден потег креирате шарен и нестереотипен женски свет. Што ако пилотот или водоинсталатерот се жени? Што ако таксистот е жена? Што ако на сцената на злосторот дојдат жени - полицајки? Што е проблемот?
Чекор број 2. Кога опишувате групна сцена, напишете: "Се збираат луѓе, половината од нив се жени". Колку и да ви изгледа лудо, ако тоа не го напишете, на денот на снимање на сцената ќе имате само 17 проценти жени во групата. Можеби првите асистенти на режија мислеле дека жените не се збираат?
Дејвис е свесна дека во повеќето индустрии е тешко да се надмине машката доминација и дека за тоа е потребно време но постои и сегмент во кој сликата може веднаш да биде променета - на филмското платно.